• сабота, 23 ноември 2024

Билстром: Не сакаме постојани НАТО бази на шведска територија

Билстром: Не сакаме постојани НАТО бази на шведска територија

Стокхолм, 12 март 2024 (МИА) – Силите на НАТО ќе делуваат во Шведска, но земјата не сака постојани бази на Алијансата на нејзина територија, изјави шведскиот министер за надворешни работи Тобијас Билстром, пренесе МИНА.

Шведското национално знаме вчера беше кренато во седиштето на НАТО во Брисел.

Билстром потсети дека Шведска и пред членството учествуваше во заеднички акции со НАТО.

-Се разбира, силите на НАТО ќе дејствуваат во Шведска. Но, ние не сакаме постојани бази на НАТО, рече Билстром, пренесе Анадолија.

Шефот на дипломатијата додаде дека Шведска во принцип е подготвена да испрати војници кај другите сојузници и дека се подготвуваат да испратат механизиран баталјон во Летонија.

Зборувајќи за распоредувањето нуклеарно оружје Билстром кажа дека владата не гледа причина да има нуклеарно оружје на шведска територија во мирнодопски услови.

Тој кажа дека Шведска во овој поглед ќе го следи патот на Норвешка и Данска.

-Мислам дека, исто така, е важно да се запамети дека само три земји во НАТО имаат нуклеарно оружје - САД, Велика Британија и Франција, и дека нуклеарното оружје не е распоредено на територијата на ниту една земја-членка од крајот на Студената војна, додаде Билстром.

Тој нагласи дека ниту една земја-членка не е обврзана да поседува нуклеарно оружје против своја волја.

-Значи, мислам дека ова прашање е малку пренадувано, додаде шведскиот министер за надворешни работи.

Тој посочи дека се свесни оти нуклеарното оружје е дел од доктрината на НАТО за одбрана и одвраќање.

-Влеговме во НАТО без никакви предуслови по ова прашање, рече Билстром. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан