• недела, 06 октомври 2024

Беџети: Нашиот став за евроинтегративниот процес е познат

Беџети: Нашиот став за евроинтегративниот процес е познат

Скопје, 4 октомври 2024 (МИА) - Нашиот став за евроинтегративниот процес е познат и длабоко сме посветени да се вратиме на вистинскиот пат. Треба сите да работиме и да дадеме свој придонес да бидеме дел од Европската Унија, во спротивно немаме перспектива, посочи денеска на прес-конференција Блерим Беџети од Европскиот фронт, одговорајќи на новинарско прашање во врска со предлогот на лидерот на СДСМ Венко Филипче да се свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес.

Беџети потенцираше дека одвојувањето на Република Албанија на патот за пристапување кон ЕУ е уште еден аргумент дека не се движиме по вистинскиот пат.

- Длабоко сме ангажирани и посветени да се вратиме на вистинскиот пат. Го чекаме 15 октомври кога ќе биде објавен извештајот, и доколку се вистинити информациите за одвојувањето на Република Албанија, тогаш тоа е уште еден доволен аргумент дека нашиот пат кон ЕУ е згрешен од страна на оваа нелегитимна влада. Треба сите да работиме, да дадеме придонес да се вратиме на интеграцискиот пат на државата, да бидеме дел од Европската Унија, во спротивно нема перспектива после овие понуди, а ќе има и економски последици, додаде Беџети.

Вчера лидерот на СДСМ Венко Филипче го повика премиерот Христијан Мицкоски да свика затворена седница за идните чекори за евроинтегративниот процес. Доколку не го стори тоа, како што кажа, СДСМ како пратеничка група во Собранието ќе иницира затворена седница на која ВМРО ДПМНЕ и целокупното владино мнозинство, треба да појаснат дали има план и каков за продолжување на евроинтеграцискиот процес.

Мицкоски денеска најави дека ќе го анализира предлогот на Филипче и дека ќе даде конкретен став поврзан со овој предлог. бт/бак/

Фото: МИА Архива

vranec_world_day_2024_300x250

Остани поврзан