• сабота, 23 ноември 2024

Бешт: Макрон сака да ја види Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ

Бешт: Макрон сака да ја види Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) – Ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ, вели вториот човек во француското Министерство за надворешни работи, Оливие Бешт, во интервју за „360 степени“.

Прашан за тоа каква е позицијата на Франција и на претседателот Макрон за проширувањето на ЕУ и за евентуален влез на Северна Македонија во Унијата, Блешт вели дека „вистинското прашање што денеска се поставува не е дали сакаме да се прошири, ниту кога, зашто прашањето е како да го постигнеме тоа“ и нагласува дека „Северна Македонија е добредојдена и тоа колку побрзо толку подобро“.

- Прво, да бидеме јасни – ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ. Вистинското прашање што денеска се поставува не е дали сакаме да се прошири ниту кога, зашто прашањето е како да го постигнеме тоа. Треба да се направат уште неколку напори, особено и другите држави членки, а ние како ЕУ денес ќе треба ја продолжиме нашата внатрешна реформа, а тоа значи продлабочување на заедницата за таа Унија да може да функционира не со 27, туку со 35 или повеќе земји, вели Бешт.

Во однос на идејата за Европа во повеќе брзини и дали тоа значи дека станува збор за членки на ЕУ од втор ред, Бешт, категорично вели „нема држави од прва, втора класа или трета класа, туку сите држави членки се на истиот воз“.

-  Воопшто не, зашто кога ѝ се приклучуваме на ЕУ ние сме полноправна членка. Значи, нема држави од прва, втора класа или трета класа, туку сите држави членки се на истиот воз. Но, сепак, во воз, понекогаш се потребни локомотиви – држави членки кои напредуваат и сакаат да напредуваат побрзо и се повеќе ставаат гориво во машината за таа да напредува побрзо во одредени соработки, изјави Бешт.

Во однос на уставните измени, Бешт изразува доверба дека „македонското Собрание ќе успее да ја надмине блокадата и повторно да се најде на интегративниот пат кој сакаме да се случи колку што е можно побрзо“.

-Францускиот предлог, кој ние го доставивме за време на француското претседателство со ЕУ во 2022 година, беше придружен со големи предности и заслуги. Прво, деблокирање на состојбата закочена поради фактот што други држави членки на ЕУ ја блокираа и да му се овозможи на македонскиот народ повторно да се најде на интегративниот пат. Второ, навистина беше овозможено признавање на македонскиот јазик. Денес ова решение овозможува повторно обновување на интегративниот процес – знам дека состојбата е тешка дури и во македонското Собрание, но она што треба да го разбереме е дека денес овој процес на приклучување кон ЕУ не зависи од блокадата на други држави членки на ЕУ, туку зависи од македонското Собрание, изјави Бешт. aa/ац/

Фото: 360 степени

Остани поврзан