• среда, 20 ноември 2024

Бесплатни ПАП-тестови за жените во Општина Врапчиште

Бесплатни ПАП-тестови за жените во Општина Врапчиште
Гостивар, 28 јануари 2022 (МИА) - Гостиварската организација на Црвен крст почна со акција за бесплатни гинеколошки прегледи и ПАП тестови за жените во Општина Врапчиште. Тестирањата се вршат секој работен ден во адаптирана ординација во близина на спортската сала во селото Неготино Полошко. Во соработка со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, Министерството за здравство, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство Скопје, Црвениот крст, обезбедени се ПАП тестови и гинеколошки прегледи за жени кои живеат во руралните средини во Општина Врапчиште. - Овие контроли ги врши гинеколог во амбулантата која се наоѓа во дворот на основното училиште „Наим Фрашери“ и средното општинско училиште во село Неготино, од 9:30 до 14:30 часот. Активностите се одвиваат според правилата и протоколите за заштитата од корона вирусот, рече Мерита Алили, секретар на Црвениот крст на Меѓуопштинска организација Гостивар. Таа појасни дека оваа иницијатива има за цел да ја подигне свеста и да ги поттикне жените на редовни контроли и рано откривање на ракот на грлото на матката кај жените кои живеат во руралните средини. - Почнавме вчера и засега сме задоволни од интересот и се надеваме дека така ќе биде и во наредните денови. Особена благодарност сакам да искажам за разбирањето на училишните управи кои го овозможија просторот, а сакам да упатам отворена покана до сите девојки и жени да дојдат, бидејќи раната дијагноза спасува животи, потенцра Алили. Покрај медицинските тимови во оваа активност се вклучени и шест волонтери на Црвениот крст. Пријавување за преглед, заинтересираните можат да закажат со јавување на телефонските броеви: 072-239-077; 072-239-051 и 042-216-488. згм/фф/

Остани поврзан