• вторник, 24 декември 2024

Бесплатна проекција на филмот „Во огледалото на Маја Дерен“ во МСУ

Бесплатна проекција на филмот „Во огледалото на Маја Дерен“ во МСУ

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Во Музејот на современата уметност вечер ќе се одржи бесплатна проекција на документарниот филм „Во огледалото на Маја Дерен“ (In the Mirror of Maya Deren, 2002, 104') во режија на Мартина Кудлачек (Martina Kudlácek). Филмот е дел од сегментот ФФФ Doc. од Придружната програма на 14. издание на Филозофскиот филмски фестивал.

Како што информира Филозофското друштво на Македонија, поголемиот дел од Придружната програма на Фестивалот е посветен токму на Маја Дерен, авангардна американска режисерка, чијшто уметнички ангажман придонесува кон етаблирањето на експерименталниот филм како легитимна уметничка форма.

Во рамки на Главната програма на Фестивалот (7-13 јуни) ќе бидат прикажани шест од нејзините видео есеи. Воведно излагање за филмот ќе има македонската уметница и селекторката на програмата за видео есеи на Фестивалот, м-р Ивана Мирчевска.

Филмот е инспириран од оглас објавен во рамките на киноархивот „Антологија“ (Anthology Film Archives) од страна на Јонас Мекас за систематизирање на депонираните филмски материјали на Маја Дерен, а режисерката Мартина Кудлачек одлучува да се впушти во документаристичко истражување на повеќеслојното филмско наследство на Маја Дерен.

- Документарниот филм ја исцртува биографската територија на Маја Дерен преку интервјуа со блиски познаници и соработници, воедно и важни актери во поствоената американска уметничка сцена. Покрај инсерти од филмовите на Маја Дерен, филмот вклучува архивски материјали од нејзините предавања, работилници, материјали од етнографските истражувања на Хаити и практиките на вуду, преку кои го доближуваат контекстот, филмската филозофија и метод на пионерката на авангардниот филм, се вели во соопштението. мд/са/

Фото: Плакат 

Остани поврзан