• сабота, 23 ноември 2024

Бесплатен влез утре за изложбите во галериите Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица

Бесплатен влез утре за изложбите во галериите Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица

Скопје, 7 септември 2023 (МИА) - Националната галерија на Република Северна Македонија учествува во Програмата „Отворен град“, која  Владата ја организира по повод одбележувањето на Денот на независноста - 8 Септември, со  уметничка понуда во трите галериски објекти - Даут-пашин амам, Чифте амам и Мала станица. Тие утре ќе бидат отворени во работното време, од 10 до 18 часот, со бесплатен влез за посетителите. 

Во Даут-пашин амам ќе биде претставен избор од ликовни дела од Колекцијаата изложени како „Трајна поставка XIV-XX век“, основана во 1948 година. Таа е една од најстарите ликовни институции, sместена е во културно-историскиот споменик на исламската профана архитектура кој го изградил Даут-паша во втората половина на 15 век.

-Националната галерија со својата Постојана поставка го потврдува своето стожерно место во македонската ликовна уметност, како средиште и како вредносен супстрат кој им се претставува на увид на домашната и странската јавност, наведува Националната галерија.

Во Чифте амам ќе може да се посети „Ветер параклет“ - сaмостојна изложба на Димитрие Дурацовски, како што посочува НГМ - исклучителен автор, уметник во доменот на ликовното творештво и пишаниот збор.

-Како сликар уметник, Димитрие Дурацовски речиси четири децении не е претставен пред публиката, меѓутоа неговата особеност во ликовниот израз е предмет на анализа во повеќе студии и литература за теоријата на ликовната уметност. Творештвото на Дурацовски може да се одбележи како метафизичко и во исто време концептуално и, имајќи го предвид времето во коешто почнува да твори (1973), и кога неофицијално престанува со сликарството (1987), можеме недвосмислено да кажеме дека тој е творец претеча на современиот концептуален ликовен израз во Република Северна Македонија, соопшти Галеријата.

Во Мултимедијалниот центар Мала станица ќе може да се посети изложба со дела на Мирчо Матевски Рисимкин „Средба со историјата: една слика – една приказна“.

-Сите негови дела се инспирирани од некој вистинит историски настан, јунак, личност, кои оставиле длабока трага во историјата. Трајко Матевски-Рисимкин, неговиот татко, бил главен инструктор за тепихарство во Македонија и работел во „Македонски фолклор“, така што своето детство Матевски Рисимкин го поминал покрај неговите шеми, нацрти и планови што ги подготвувал за изработка на теписи. Тајните на уметноста како да му биле предодредени во животот, наведува Националната галерија. хс/aa/

Фото: Национална галерија на Северна Македонија 

 

Остани поврзан