• сабота, 23 ноември 2024

Бесими: Усвоена новата Фискална стратегија 2024-2028

Бесими: Усвоена новата Фискална стратегија 2024-2028

Скопје, 14 јуни 2023 (МИА) - Продолжување на фискалната консолидација, постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и поттикнување на економската активност преку капитални расходи и инфраструктури инвестиции и подобрување на условите за водење бизнис и отворање нови работни места се очекуваните резултати од среднорочните проекции содржани во Фискалната стратегија на РС Македонија за период 2024-2028 година, што ја подготви Министерството за финансии, а ја усвои Владата на последната седница.

Како што информира денеска Министерството за финансии, фискалната стратегија ги содржи среднорочните насоки и цели на фискалната политика, основните макроекономски проекции, износите за главните категории на проценети приходи и расходи, како и проекциите за буџетскиот дефицит и долгот. Таа е изработена согласно новиот Закон за буџети, а со кој се утврдени фискални првила, дизајнирани и усогласени со фискалните правила на ЕУ, а со цел фискалната политика да биде одржлива на среден рок.

-Фискалната стратегија е значаен документ кој ги поставува среднорочните насоки по кои ќе се води фискалната политика во наредниот период.  Клучни елементи на среднорочната фискална политика претставуваат редизајнирање на буџетската политика и фискална консолидација, кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија, истакнува министерот за финансии Фатмир Бесими.

Во наредниот среднорочен, петгодишен период се продолжува со определбата расходите да бидат во функција на остварување на стратешките приоритети, забрзување на економскиот раст, приоритетот за интегративните процеси на Република Северна Македонија во ЕУ и обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

Од МФ истакнуваат дека согласно Фискалната стратегија со исцрпување на негативните ефекти од последователните шокови се очекува нормализација на глобалните движења, намалување на инфлациските притисоци и јакнење на економската активност кај нашите главни трговски партнери што ќе придонесе кон зголемување на надворешната побарувачка и поповолен амбиент за инвестирање.

-Продолжува определбата за фискална консолидација и етапно намалување на буџетскиот дефицит од 4,6 проценти во 2023 година, на 3,4 во 2024 година, 3,0 во 2025 година и 2026 година, 2,8 во 2027 година и да достигне 2,5 проценти во 2028 година. Фискалната консолидација ќе продолжи преку поддршката на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти, редизајнирање на структурата на јавните финансии преку зголемено учество на капиталните расходи, како и зајакнување на процесот на планирање, извршување и известување за јавните финансии. Фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните Така што среднорочните фискални проекции имаат силна развојна компонента, со значајно учество на капиталните расходи со над 5% во БДП на годишно ниво и претставуваат клучни елементи на јавните финансии. На среден рок се респектира златното правило во јавните финансии: капиталните расходи ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Реализацијата на буџетот ќе се раководи според принципот вредност за вложените пари (“value for money”), при што ќе се внимава парите на граѓаните да се искористат таму каде што даваат најголеми ефекти во остварување на целите за повисок квалитет на животот. Планираните износи на средства во наредниот период укажуваат на интензивирање на инфраструктурните проекти, односно за инвестициски вложувања за патната и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството. Реализацијата на капиталните расходи и инфраструктурните проекти во приоритетните области, во согласност со владините политики, се очекува да  генерираат позитивни мултипликативни ефекти врз економскиот раст на среден рок и ќе ја забрза реалната економска конвергенција кон европските економии, се вели во соопштението од Министерството за финансии.

Според МФ, обезбедување одржлив економски раст и развој со Фискалната стратегија е главен приоритет и на даночната политика, која е насочена кон унапредување на ефикасноста и ефективноста во наплатата на приходите, зголемена даночна транспареност, подобар квалитет на услугите и намалување на административниот товар.

-Со Стратегијата се очекува зачувувањето на макроекономската стабилност и фискалната одржливост да создаде поповолни услови за динамизирање на економската активност и постигнување просечна стапка на раст од 5 проценти во периодот 2024-2028 година. Приватната потрошувачка се очекува да оствари просечен годишен раст од 3,5 проценти, јавната потрошувачка просечно ќе расте 1 отсто, извозот се очекува да го одржи солидното ниво и има проектиран раст на 8,5 отсто, позитивните движења кај странските инвестиции исто така се очекува да продолжат, како и растот на просечната плата од 6 отсто, велат од МФ.

Министерството за финансии ја изработува Фискалната стратегија и ја доставува до Владата на Република Северна Македонија, имајќи ги предвид стратешките приоритети на Владата на РС Македонија и предлозите на матичните буџетски корисници. Оваа година Министерството за финансии првпат објави план со временски рокови за подготовка на фискалната стратегија на својата веб-страница. Среднорочната фискална стратегија e во согласност со среднорочните фискални цели и стратешките приоритети на Владата и овозможува следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели. Еден од најголемите приоритети на Владата, е подобрување на упавувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетирање за наредните 5 години. Тоа е дел и од процесот за пристапување на земјата во ЕУ. сст/дма/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан