• сабота, 23 ноември 2024

Бесими: Со Програмата за ликвидност ММФ даде јасен сигнал за исправните политики, мерките ќе бидат стриктно таргетирани

Бесими: Со Програмата за ликвидност ММФ даде јасен сигнал за исправните политики, мерките ќе бидат стриктно таргетирани
Скопје, 13 октомври 2022 (МИА) - Потврдата од ММФ дека земјава може да користи средства од Програмата за претпазливост и ликвидност (ППЛ) е добар сигнал за политиките што ги презема Владата во време на криза. Мерките што ги донесовме за поддршка на граѓаните и стопанството во првата половина придонесоа за три процентни поени да се ублажи инфлацијата, поддршката ќе продолжи, но таа ќе биде стриктно таргетирани за најранливите категории граѓани и компании. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во интервју за „Гласот на Америка“ на македонски јазик во Вашингтон, каде тој учествува на Годишните средби на ММФ и Светска банка. - На почетокот носевме општи мерки, кои беа брзо во пролетта, односно уште во март, за заштита од ценовниот шок. Тие се однесуваа на намалување или укинување на даноци кај дел од производите, а при тоа и ограничување на цените со маржите. Тие даваат ефект на краток рок и имавме за три процентни поени ублажена инфлација во првата половина од годината само со тие мерки. Другото беше во однос на електричната енергија. Меѓутоа тоа и во сите светски извештаи на меѓународните институции се мерки што се користат на краток рок за да се елиминира шпекулативниот ефект на пазарот и тоа се постигна. Потоа полека се трансферираа во таргетирани мерки, што значи товарот се пренесува делумно преку буџетот и се покриваат оние што се најпогодени и остатокот се остава на пазарот и ние тоа го правиме во целиот овој период, вели министерот Бесими. Тој истакна дека се соочуваме со криза која од економски аспект е многу различна од таа за време на короната и дека затоа мора да има фискална консолидација за разлика од ковид времето кога имаше и монетарна и фискална експанзија. - Сега има монетарна рестрикција и мора да има фискална консолидација, односно да трошиме помалку и многу таргетирано. Значи сега ние сме во фаза каде што таа поддршка што ќе ја дадеме треба да биде стриктно таргетирана за да можеме да го скратиме или да го намалиме дефицитот. Нема друг рецепт. Рецептот е дека секој треба да биде свесен за тоа што се случува на светската сцена од аспект на енергенсите и финансиски и дека  доколку даваме поддршка мора да биде многу таргетирана, посочи министерот Бесими. Тој потенцира дека ова е сериозна криза од глобални размери и дека нема да биде доволно шоковите да се покријат само од буџетот. - Тоа мора сите да го сфатиме и граѓаните и стопанството. За да ја надминеме оваа состојбата прво се мерки, што ќе бидат таргетирани, затоа што не може да се потроши буџетот во сразмери што не се одржливи. Второ финансиските пазари на светско ниво, не само што се скапи, туку немаат доволно финансиски средства и тоа е другиот аспект на ограничување и трето ние работиме и покрај на таргетирани мерки за поддршка на ранливи категории граѓани и стопанство и на среднорочни и долгорочни решенија за зголемување на енергетската ефикасност, обезбедување енергетска независност, обновливи извори за енергија и зголемување на општата свест за штедење во овој период. При тоа и на реформи што ќе значат одржлива основа во однос на политики за одржлив раст во наредниот период после кризата, рече министерот за финансии во интервјуто. Во однос на инфлацијата во земјава Бесими посочи дека таа е директно поврзана со она што се случува на европскиот пазар. Појасни дека тоа е резултат на тоа што нашата економија е многу поотворена во однос на другите земји од регионот и дека она што се случува на европскиот пазар, особено во Германија, следствено се пренесува и кај нас. Во интервјуто, како што информираат од МФ, министерот Бесими наведува дека во 2023 година се очекува стабилизирање на цените и дека не се очекува состојба на стагфлација, иако, како што рече, ќе има забавен раст, но ќе има раст, кој се очекува да биде околу 3 отсто во оваа и следната година. сст/сп/

Остани поврзан