• сабота, 23 ноември 2024

Бесими: Буџетот за следната година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата

Бесими: Буџетот за следната година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) - Во предлог Буџетот за следната година се планираат капитални расходи на ниво од 45,2 милијарди денари, а со буџетски средства од околу 15,1 милијарди денари ќе има значајни инвестициски вложувања во областа на патната инфраструктура. Овој предлог буџет ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на  јавните потреби на граѓаните и фирмите, рече денеска пред пратениците ресорниот министер Фатмир Бесими.

Тој за време на расправата по Дополнетиот предлог Буџет за 2024 година, во однос на макроекономски проекции, посочи дека се предвидува раст на економијата за 3,4 проценти. Растот се должи пред се на инвестициите кои се проектираат на раст од 8, 4 проценти во наредната година, а ќе има раст и на домашната потрошувачка со која ќе се поддржи растот од 3,4 проценти, а просечната инфлација ќе биде на 3,6 отсто.

-Во вакви околности, проектираниот раст на плати ќе биде на 8,4 отсто, при реален раст на плати од 4,8 отсто и намалување на бројот на невработени во наредната година. Овие трендови се предвидува да продoлжат доколку проекциите се остваруваат, додаде Бесими.

Како што рече, капиталните расходи се планирани на ниво од 45,2 милијарди денари, при што се обезбедуваат средства од повеќе извори и тоа: буџетски средства, ИПА фондови и заеми. Наменети се за реализација на веќе започнатите инфраструктурни проекти, односно инвестиции во патната и железничката, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, животната средина и правосудството.

Претседателот на Собранието Талат Џафери планира на 11 февруари да закаже седница со единствена точка на дневен ред - ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во

-Во текот на 2024 година со буџетски средства во износ од околу 15,1 милијарди денари планирани се значајни инвестицисни вложувања во областа на патната инфраструктура, поврзани со проектирање и изградба на дел од Коридор 8, делницата Тетово-Гостивар, изградба на нов автопат ТребеништаСтруга – Ќафасан, изградба на делница Гостивар-Букојчани и како и Коридорот 10 д, делницата Прилеп-Битола. Дополнително, преку Јавното претпријатие за државни патишта  во делот на патна инфраструктура ќе се изготви физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен, рече Бесими.

Тој информираше дека во 2024 во делот на патната инфраструктура ќе продолжи изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка, финансирана со заем од Свестка банка и делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, финансирана со заем од Европската банка за обнова и развој - ЕБОР и грант средства од инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан - ВБИФ. Во 2024 година ќе се финансира и западниот дел од патниот Коридор 8 преку изградба на автопатска делница Кичево-Букојчани, со заем од ЕБОР и делницата Кичево-Охрид, со заем од ЕКСИМ банка.

Како што рече, со средства од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце (граница со Косово), додека подобрувањето на патната инфраструктура на општините ќе се реализира преку Проектот за поврзување на локални патишта, финансиран од Светската банка. Во оваа област, во 2024 година продожува реализацијата на Програмата за национални патишта, финансирана со заем од ЕБОР.

Министерот појасни дека Предлог - буџетот за 2024 година ги таргетира приоритетите и соодветно ги распределува средствата за исполнување на  јавните потреби на граѓаните и фирмите. Во текот на 2024 година е предвидено подобрување на управувањето со јавните финансии, зајакнување на среднорочното буџетирање, редизајнирана буџетската политика и фискална консолидација, активности кои се во насока на поддршка на макроекономската стабилност, забрзување на економскиот раст, а со тоа и зајакнување на потенцијалот за раст на домашната економија.

-Вкупните даночни приходи во Буџетот, се проектирани во износ од 178,1 милијарди денари, што е за околу 10 проценти над износот на приходи планиран за 2023 година. Истите учествуваат со 18,1 отсто во БДП за 2024 година, што е приближно еднакво на учеството во претходната година. Како изворни приходи на Буџетот, даночните приходи учествуваат со 57,4 проценти во структурата на вкупни приходи на Централно ниво за 2024 година.

Бесими потенцираше дека вкупните расходи во Буџетот за 2024 година се планирани во износ од 343,6 милијарди денари, или за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. 

Како што додаде, тековните расходи за 2024 година се планирани во износ од 298,5 милијарди денари или за 6,7 проценти повеќе во однос на 2023 година и пред се наменети за редовна исплата на плати на вработените во јавниот сектор, навремена и редовна исплата на пензии, гарантиран минимален приход и останати социјални права, исплата на субвенции во земјоделството, поддршка на малите и средните претпријатија, поддршка и субвенционирање на иновативните активности на претпријатијата, како и алоцирање на средства за таргетирана поддршка на ранливи категории на граѓани и стопанството.

Министерот во своето обраќање пред собраниската говорница појасни дека проектираниот дефицит за 2024 година во износ од 33,5 милијарди денари како и отплатата на долгот во износ од 45 милијарди денари, од кои надворешен долг во износ од 26,4 милијарди денари и домашен долг во износ од 18,6 милијарди денари, ќе се финансираат преку домашно и странско задолжување.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски напомена дека овој буџет е највисок во историјата. Како што посочи, тој е базиран на нереални проекции, инфлаторен, предизборен кој што ќе служи само за дополнително обогатување на одредени елити а нема да служи за збогатување на државните ресурси на граѓаните. 

-Буџетот е најголем до сега - 5,5 милијарди евра. Висок буџетски дефицит од 3,4 проценти или 545 милиони евра кои што ќе допринесе јавниот долг на Македонија да се искачи на 63,2 проценти. Јас не верувам дека буџетскиот дефицит ќе биде само волку, бидејќи ова е пета година по ред во која што буџетскиот дефицит ја надминува психолошката бариера од 500 милиони евра, рече денеска Стојаноски во Собранието за време на расправата за Дополнетиот предлог буџет за 2024 година.

Според Стојаноски, и без непредвидено трошење буџетот ќе биде половина милијарда во минус, а секогаш има непредвидени дополнителни трошоци кои се јавуваат во текот на годината.

-Приходите во буџетот кои се 10 проценти повисоки од 2023 година се посебна нереална и недостижна приказна. Како очекувате да соберете над 2,9 милиони од даноци, или 71 процент од вкупните приходи да ви бидат само од тоа. Станува збор за 460 милиони евра повеќе од минатата година, што значи дека тука или ќе се врши невидена репресија врз даночните обврзници или ќе има нова даночна реформа која што повторно ќе отиде на грбот на дисциплинирани на сметка на оние кои не плаќаат данок, додаде Стојаноски.

Стојаноски побара објаснување зошто се планира да се зголеми приходот на казни за дополнителни 250 милиони денари или за 10 проценти повеќе од 2023 година.

-Слабата реализација на капиталните инвестиции изминативе седум години се покажа како ограничувачки фактор за раст на економијата. Проблемот е во потенцијалот за нивната реализација и слабиот техничко-организациски аспект на Владата да ги реализира. Она што е загрижувачки е опвторното ветување за високи капитални инвестиции. Во 2024 година сте испланирале 773 милиони евра капитални инвестиции, но она што е многу важно е како планирате вие да ги реализирате овие средства во услови кога имате двојни избори наредната година, рече Стојаноски.

Во својата реплика кон Стојаноски, пратеникот Диме Велковски од СДСМ во однос на казните рече дека општините не се казнуваат, напротив, пред две недели на 44 општини се доделија проекти во вредност од 33 милиони евра, а тоа, како што додаде, никогаш претходно не се случувало.

-Во буџетот исто така стои јасно напишано дека тековните трансфери се зголемени за повеќе од 11 проценти од 2023 година и тоа најмногу во делот на блок дотациите. Од другата година повеќе пари ќе имаат општините во делот на персонален данок бидејќи се зголемува од 3 на 6 проценти, а ддв од 4,5 на 6 проценти, рече Велковски.

Расправата по Дополнетиот предлог Буџет за 2024 година ќе продолжи во 15.30 часот, по редовната пауза.бт/ев/

Фото: Принтскрин и Архива 

 

 

 

Остани поврзан