• среда, 25 декември 2024

Бесими потпиша договор со Светска банка за 37 милиони евра инвестиции во локални патишта

Бесими потпиша договор со Светска банка за 37 милиони евра инвестиции во локални патишта
Скопје, 29 јули 2022 (МИА) - Потпишан е договор помеѓу Министерството за финансии и Светска банка со кој се обезбедуваат 37 милиони евра за Проектот за поврзување на локални патишта со кој ќе се реконструираат, надградат и рехабилитираат севкупно 450 километри локални патишта, во сите општини во државава. Проектот денеска го потпишаа министерот за финансии Фатмир Бесими и директорот на Канцеларијата на Светска банка за Република Северна Македонија и Косово, Масимилијано Паолучи, во присуство на министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски. Вкупната вредност на Проектот изнесува 70 милиони евра. - Единиците на локалната самоуправа се властите кои се најблиску до граѓаните, кои играат значајна улога во уредувањето на секојдневното живеење преку јавните услуги кои ги обезбедуваат. Оттаму, инвестициите во општинската инфраструктура, значи инвестиција во подобрувањето на животот на граѓаните, но и во поттикнување на економскиот развој преку развојот на нивните микроекономии. Понатаму, во време кога светската економија се соочува со крупни предизвици и кога во сите економии економскиот раст успорува, од исклучително значење е спроведувањето на инвестициската агенда за поттикнување на економската активност во овие исклучително сложени услови. Инвестицијата во патишта е секогаш квалитетна инвестиција, потенцирал министерот Бесими. Како што соопштија од Министерството за финансии, тој додал дека неделава е усвоен и Законот за финансирање на ЕЛС, каде се поставени реформите за унапредување на фискалната децентрализација. Проектот, информирал министерот за транспорт Бочварски, се реализира согласно предвидената динамика. Досега, навел, се склучени договори за градежни работи на локални патишта во 46 општини. - Влезени сме во една поодмината фаза во реализација на овој проект и слободно можам да кажам дека бележиме добри резултати. Успеавме да ја подигнеме мобилноста и квалитетот на живеење на локално ниво во оние општини каде веќе се реализиа овој проект. Би сакал  да потенцирам дека до сега Министерството за транспорт и врски преку Единицата за имплементација на проекти распиша 4 јавни повици во кој се опфатени 46 општини со вкупно 94 улици и со  вкупна инвестиција од преку 17 милион евра, подвлекол Бочварски. Директорот на Канцеларијата на СБ, Паолучи, потенцирал дека нашата држава значително напредува во подобрувањето на националната патна инфраструктура и поврзаност, иако, сè уште постојат предизвиците што произлегуваат од реформите за управување и надградба на локалната патна мрежа, со цел развивање постабилен транспортен сектор низ земјата. - Преку Проектот за поврзување на локалните патишта, Светска банка дава поддршка за зајакнување на капацитетите на државата во управувањето со локалните патишта и подобрување на пристапот до работни места, услуги и пазари. Целта на Проектот е рехабилитација и надградба на локални патишта во должина од околу 450 километри - создавање подобри и побезбедни транспортни услови во 80 општини коишто се вклучени во Проектот. Меѓу корисниците на овој проект се и рурални општини со високо ниво на сиромаштија и оние што се бават со земјоделие, како и урбани општини и области со население со различна социо-економски позадина. Ова дополнително финансирање ќе ги надополни средствата од првичниот заем за Проектот за поврзување на локалните патишта - одобрен од Светска банка на 19 декември 2019 година - алоцирани како одговор на пандемијата на КОВИД -19“, посочил Паолучи. Во моментот со средства од Светска банка се реализираат проекти во вредност од над половина милијарда евра во земјава во инфраструктура, образование и земјоделство. цр/са/

Остани поврзан