• понеделник, 23 декември 2024

Бесими на ПФД: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и единствениот европски пазар

Бесими на ПФД: Иднината на Западен Балкан е во ЕУ и единствениот европски пазар
Скопје, 17 јуни 2022 (МИА) - Заедничка цел на сите земји од Западен Балкан е да бидеме дел од ЕУ и од единствениот европски пазар. Само ЕУ интеграцијата, регионалните интеграции и единствениот пазар можат да придонесат за економски развој, како на национално, така и на регионално ниво. Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во обраќањето на Преспа форумот за дијалог, говорејќи на панел дискусијата на тема „65 години по Договорот од Рим: Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана?“. - По 65 години од Договорот во Рим, европскиот единствен пазар е најголемата економска област во светот и едно од најголемите достигнувања на Европската унија, со околу 500 милиони потрошувачи, 24 милиони компании и околу 17 милиони граѓани кои работат или живеат во различна земја од онаа од која потекнуваат. Сето ова придонесува кон подобри услови за живот за граѓаните, а воедно и за подобар економски резултат, рече Бесими потенцирајќи ја важноста на поврзаност. Тој порача дека имајќи ја предвид актуелната состојба во која живееме, војната на европско тло и предизвиците кои произлегуваат од тоа регионот треба да биде дел од ЕУ и дека ЕУ да биде целосна веднаш треба да го интегрира Западниот Балкан. - Европа покажува дека се подобро се справува со предизвиците. Тоа го покажа со ковид-кризата, сега со предизвиците поврзани со воведените санкции со Русија, но во сета таа криза го покажува и одговорниот однос кон земјите од Западен Балкан, истакна министерот и додаде дека индината и на ЕУ и на земјите од Западен Балкан по оваа криза е да се даде предност на процесите на дигитализација, зелената транзиција, инфраструктурна поврзаност на регионот, човечкиот капитал, како и доброто владеење и борба со корупцијата. Тоа, како што кажа, се петте цели кон кои заедно треба да бидеме насочени во иднина, со цел развој и постигнување подобри услови за живот за граѓаните. Сесијата посветена на 65 години после Римскиот договор:Дали Европа е целосно економски обновена и интегрирана“ ја отвори премиерот Димитар Ковачевски, а меѓу учесниците беа и премиерката на Србија Ана Брнабиќ, Мајлинда Брегу генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка, Матео Бономи експерт за економија од Меѓународниот институт во Рим, како и Горан Ѓуровиќ министер за економски развој и туризам на Црна Гора и Артане Ризваноли министерка за економија на Косово. Преспа форумот за Дијалог (ПФД) е платформа креирана од Владата на Република Северна Македонија со цел да им овозможи на земјите, лидерите, организациите и граѓаните да градат долгорочни односи и да ги зајакнуваат партнерствата. Годинашното второ издание се одржува во Охрид и е посветено на акутлени безбедносни, политички и економски прашања со кои се соочува Европа и Западен Балкан. мс/лв/

Тагови

Остани поврзан