• четврток, 26 декември 2024

Бесими: Даночна реформа - за економски раст, сузбивање на сивата економија и фер јавни давачки

Бесими: Даночна реформа - за економски раст, сузбивање на сивата економија и фер јавни давачки
7 август 2022 Неделава отворивме јавна дебата за реформа во даночниот систем. Имавме дискусија со претставници на бизнис заедницата, група со најширок опфат и спектар на интереси. Дебатата ќе продолжи со сите општествени чинители. Преку неа ќе се прецизираат конкретните решенија, затоа е и рано да се говори за нив. Оваа колумна ја посветувам на Концептот на даночната реформа. Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани. Пред се, ќе истакнам дека продолжуваме со голема фискална реформа, или СМАРТ систем на јавни финансии. Овој систем ќе игра значајна улога во заздравувањето на нашата економија од кризата со која се соочуваме изминатите две години. Понатаму, тој ќе продуцира повисоки и одржливи стапки на економски раст, преку стратегиско, отчетно и транспарентно управување со јавните финансии. На расходната страна воведуваме механизми за стратегиско планирање, буџетирање врз основа на претходно остварени резултати, засилена контрола и транспарентност. На приходната страна во СМАРТ финансиите потребна е подобрена наплата, поголем опфат на даночното зафаќање, за да има фискален простор за политики за поттикнување на повисок економски раст на среден рок. Обезбедувањето на приходи од сигурни извори значи стабилност и избегнување на процикличната фискална политика и на зголемувањето на јавниот долг. Оттаму, подобрувањето на стабилноста, ефикасноста и квалитетот на целокупниот систем на приходи во земјата ќе обезбеди одржливо и добро управување со јавните финансии. Даночен систем за економски раст Стапката на економски раст на една земја зависи од повеќе фактори, како иновативноста, инвестициската активност, пристапот до финансирање, претприемништвото, вештините и мобилноста на работната сила, флексибилноста на пазарот на труд, цената на трудот, квалификуваниот кадар, административните процедури, инфраструктурата, владеењето на правото итн. Даночниот систем игра значајна улога преку неговото влијание врз сите овие фактори. Даночниот микс, даночните стапки, квалитетот на даночната администрација, комплексноста на даночните правила, предвидливоста, мрежата на меѓународни договори за одбегнување на двојно оданочување, даночните олеснувања, даночната основа - сето ова влијае на економскиот раст на земјата. Концептот на СМАРТ финансиите е сите да го плаќаме, како би кажале Американците, својот „фер дел„ („праведен дел„). Зборувам и за оние кои се дел од формалната економија, но пред се за формализација на неформалниот сектор, преку внесување во системот на даночни обврзници. Ова е реално најисправниот начин за да обезбедиме средства за забрзување на економскиот раст, но и за тековни потреби, како на пример антикризните пакети, без притоа да го зголемуваме јавниот долг. Суштина на даночната реформа - праведно оданочување, проширување на даночната база и „зелено„ оданочување Суштината на даночната реформа која ја планираме се базира на зголемување на даночната основа, без притоа да се зголемат даночните стапки. Забрзано ќе се спроведува и Акцискиот план за сузбивање на неформалната економија, во насока на воведување на неформалниот сектор во формалниот и со тоа дополнително зголемување на базата која подложи на даноци. Даночната основа е сѐ што се даночи: вкупните доходи или приходи, вредноста на поседуваните недвижности, потрошувачката, трансакциите или другите економски активности. Она што со години се провлекува како забелешка и препорака од страна на меѓународните финансиски институции се даночните трошоци, односно ослободувањата и повластениот третман за одредени категории на приходи кај индивидуалните даноци. Ако некоја целна група, производ, услуга имаат привилегиран третман, треба да има силен економски или општествен аргумент зошто. Повластениот третман треба да носи поголема придобивка во однос на даночниот трошок. Даночниот систем има и корективна улога во економските и општествени процеси. Според Грегори Менкју, светски познат професор на Универзитетот Харвард, оптималниот даночен систем е оној кој ќе ја максимизира социјалната благосостојба преку сет на ограничувања (слично стојалиште имаат и други економски како Ремзи и Марелес). Тој е поддржувач и на „даноците на Пигу“ (наречени според британскиот економист од почетокот на минатиот век, Артур Пигу), односно даноци на активност, која предизвикува негативни ефекти или дополнителни трошоци за трети лица. Типичен пример за тоа се даноците за загадувачите на животната средина. Овие даноци се популарни меѓу економистите бидејќи тие често се најмалку инвазивниот начин за да се „поправат работите“, а истовремено и за да се зголемат приходите, кои владата може да ги искористи за да ги намали другите даноци. Тука доаѓаме до вториот дел од концептот на даночната реформа, односно „зеленото оданочување“. Пред, конкретно да го образложам нашиот Концепт, врз основа на кој ќе се спроведува даночната реформа, а во интерес на транспарентност и информираност на читателот, најпрво ќе дадам споредбени бројки за даночните зафаќања, кај нас, регионот и ЕУ.

Најмало остварување на даночни приходи во споредба со ЕУ i Западен Балкан

Во изминатите петнаесетина година, постојано бевме на понисно ниво во однос на прибраните давачки како удел во БДП, и во однос на ЕУ, и во однос на регионот. Имено, во периодот од 2008 до 2020 година присутен е значителен јаз помеѓу учеството на приходите од даноци и придонеси во БДП во ЕУ-27 и во Северна Македонија. Во 2008 година, вкупните даночни приходи и социјални придонеси учествуваат со 38,4% во БДП на ЕУ-27, што е за 10,7 процентни поени над оствареното во Северна Македонија (27,7%). Дополнително, овој јаз со текот на годините и се продлабочува, со што во 2020 година изнесува 13,8 процентни поени. Исто така, во однос на земјите од Западен Балкан, убедливо имаме најмало остварување. Учеството само на даночните приходи во БДП кај нас е уште помало, во 2020 година изнесувало 16,1%. Зошто овој податок е важен? - Според експертите на Светската банка, уделот на даночните приходи во БДП е важен за економскиот раст и намалување на сиромаштијата, бидејќи осигурува дека државите располгаат со потребните средства за да инвестираат во иднината и за да постигнат одржлив економски раст. Развиените земји, вообичаено имаат повисок удел. Просекот кај земјите од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) беше 33,8% во 2019 година, или двојно во однос на нашиот резултат. Ова не е сигнал, туку светлечки знак дека треба да се преземат мерки, ако сакаме, прво да се консолидираме, а по долгата и истоштувачка криза и да обезбедиме подобар живот за нашите граѓани. Концепт за подобар даночен систем и дискусија Во процесот на даночната реформа, јавната дебата, но и понатаму во дизајнот на предлозите, ќе има многу „за“ и „против“, лоби групи, заинтересирани страни. Несомнено, многумина ќе си ги бранат индивидуалните интереси. Но почетокот на она што е подобар живот за сите нас, е кога ќе почнеме да размислуваме за севкупните ефекти. Ќе дадам еден пластичен пример: ако сум менаџер на фармацевтска компанија за време на пандемија, од даноците кои ги плаќам, логично е да ги поддржам антикризните мерки на владата за услужниот сектор, бидејќи таму работат илјадници од моите потрошувачи - ако тие останат без средства и мојата компанија ќе биде загрозена. Сите сме дел од синџирот и колку ќе бидеме успешни и во економијата и во општествените процеси, зависи од тоа колку малата лична добивка, ќе ја ставиме во функција на големата општа добивка, за сите нас. Концептот, што е во нацрт верзија, е изработен низ транспарентен и инклузивен процес, почнувајќи од февруари 2022 година со вклученост на претставници од бизнис и академската заедница во работните групи, при што се направени сеопфатни и длабински анализи на постојниот даночен систем и најдобрите европски практики. Исто така, при конципирањето на предложените решенија земени се предвид и препораките од меѓународните организации како ММФ, Светска банка, ОЕЦД и ЕУ. Концептот за даночната реформа, се базира на Стратегијата за даночна реформа - односно ова е долгорочен, планиран и добро анализиран процес, усвоен од Владата во декември 2020 година. Главните цели на Стратегијата се обезбедување праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, кој ќе се темели на современи дигитални технологии и иновации во оданочувањето, во функција на постигнување на забрзан, инклузивен и одржлив економски раст. Дефиниравме пет приоритети со Стратегијата: поголема праведност во оданочувањето, поголема ефикасност и ефективност на даночниот систем за подобра наплата на приходите, зголемена даночна транспарентност; подобар квалитет на услугите, и воведување на еколошко (“зелено“) оданочување. Водени од овие цели и приоритети на реформите на даночниот систем, Министерството за финансии, подготви нацрт - Концепт на даночни реформи. Овој концепт предвидува етапен пристап во редизајнирање на системот на оданочување во земјата, односно ја утврдува динамиката на конципирање и имплементација на реформите во пооделните даночни области. Кај данокот на добивка, данокот на личен доход и данокот на додадена вредност, предвидени се концепти на реформи на даночната политика и усвојување на предлог измени на законите, како и имплементација на новите законски решенија. Концептот на реформи на даночната политика во областа на данокот на добивка и данокот на личен доход се однесува на ревидирање на преференцијалните даночни третмани (даночни стимулации и олеснувања или т.н. даночни расходи) кои ја нарушуваат неутралноста на даночниот систем преку фаворизирање на категории даночни обврзници или активности. Со тоа негативно влијаат врз неговата правичност и придонесуваат за зголемена нееднаквост во општеството, ја нарушуваат робусноста на системот со што креираат значаен простор за даночна арбитража или одбегнување на плаќање на данок, и можат да предивикаат неефикасности во реалната економија. Со ова ќе се овозможи и креирање на фискален простор за спроведување на активна даночна политика за стимулирање на инвестиции на приватниот и на јавниот сектор во технологии кои поддржуваат зелена транзиција и дигитална трансформација, со цел поддршка на стратешките приоритети на земјата во овие домени. Исто така се планира, поедноставување и осовременување на законските текстови со цел унапредена транспарентност и ефикасност во спроведување на прописите од даночните обврзници и даночната администрација. Кај данокот на додадена вредност, потребно е натамошно зајакнување на основните принципи на системот т.е. принципите на неутралност и конкурентност, преку стеснување на листата на добра и услуги за кои се применува повластена стапка, како и оданочување на определен промет (според примерот на земјите од ЕУ). Исто така, потребно е допрецизирање на правата и обврските на даночните обврзници во поглед на правото на одбивка на претходен данок, што ќе овозможи поголема правна сигурност за даночните обврзници, поголема ефикасност во спроведување на контролата и во прибирањето на даночните приходи од страна на даночната администрција. Имплементација на новите законски решенија во најголем обем се очекува почнувајќи од 2023 година. Истото се однесува и на даночната политика во областите на акцизите и зеленото оданочување. Зеленото оданочување се однесува на стимулирање на даночните обврзници да го намалат своето однесување, со кое придонесуваат за загадување на животната средина. Главната цел е справување со загадувањето и заштита на природните ресурси со цел да се постигне одржлив економски развој. Со годишните акциски планови кон Стратегијата за реформа на даночниот систем е предвидено унапредување на работата на даночната и царинската администрација преку понатамошна дигитализација на процесите, и зајакнување на транспарентноста и ефикасноста на системот на оданочување и сузбивање на неформалната економија. Исто така, преку Акцискиот план за сузбивање на сивата економија преку 6 приоритети кои содржат мерки и активности за: 1. Унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сива економија; 2. Ефикасни инспекциски служби; 3. Подобро деловно окружување за основање,раст и развој на компаниите; 4. Јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночен морал; 5. Адресирање на сивата економија во е-трговија; 6. Мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија, ќе делуваме кон намалувањето на сивата и економија и внесување на овие субјекти во формалната економија. Даночен систем како целина и консензус На крајот ќе посочам дека секоја даночна реформа треба да балансира меѓу повеќе цели и компромиси. Даночниот систем треба да се гледа како целина. Важно е да се пристапи кон целиот процес со јасна визија и анализа. Но и со дискусија и консензус. Важно е сите да знаеме зошто нешто се прави, со која цел и се разбира да се чуе мислењето и разбере ставот на општествените чинители. Влегуваме во еден процес, кој доколку успешно се спроведе, сите ние и нашата економија ќе просперираме. Ова станува уште позначајно ако се има предвид дека реформата се спроведува во период кога се соочуваме со неколку економски кризи една по друга - Ковид, енергетска криза и инфлација, кои станаа уште покломплексни со инвазијата на Русија во Укарина. Потенцирам дека промената на даночното законодавство мора да се изведува истовремено со подобрувањето на квалитетот на јавните услуги и со сузбивањето на корупцијата. Покрај рамноправниот третман на даночните обврзници, односно принципот на даночна неутралност, мора да се почитуваат и буџетските принципи на ефикасност и ефективност. Како даночни обврзници имаме право да знаеме како се трошат јавните пари, во кои приоритетни области се вложуваат, каков е квалитетот на јавните услуги, дали се санкционираат незаконските и ненаменските буџетски трошења и во крајна линија, како даночната политика и практика влијае на квалитетот на живот на нашите граѓани. Од тоа ќе зависат и даночниот морал (степенот на исполнување на даночните обврски) и ставот кон даночните реформи генерално. Оттука, институционалниот одговор мора да биде сеопфатен, непристрасен, натпартиски и далекусежен. Должни сме да изградиме просперитетна иднина за сегашните и идните генерации, која меѓу другото, ќе се темели на оптимален даночен систем и паметна даночна политика. Во продолжение… Даночната политика е исклучително значајна и сензитивна тема во општеството, што вообичаено претставува и жешка политичка тема особено за време на екномска криза. Даноците со нивниот редистрибутивен ефект имаат широки и длабоки економски и социјални импликации, а даночната политика е постојана тема и во политичката економија за импликациите врз еконопмскиот раст и општествената благосостојба. Со оглед на обемноста на темата ќе се обидам да се навратам на оваа тема во следните колумни каде што ќе се задржам на неколку аспекти, како што се: оптималниот даночен систем, праведноста на даночниот систем, даночниот морал и неформалната екномија, споредба со даночните системи на равиените земји и земјите од регионот, соодносот на даночниот товар и структурата на даноците во однос на директни и индиректни даноци, соодносот на даноците на доход, потрочувачка и имот (богатство), даночната прогресијата во однос на рамниот данок, ефикасноста и едноставноста на даночните системи, како и дигитализацијата и транспарентноста, екстерналиите и даноците, како што е „зеленото„ оданочување и други теми поврзани со даноците и што е најважно начинот како овие приходи се трошат во однос на подобрување на инфраструктурата и јавните услуги, обезбедување на подобри патишта, поквалитетно здравство и образование, почиста животна средина, а со тоа да постигнеме и поголема конкурентност на стопанството, повисок и одржлив економски раст и поквлаитетен живот за нашите граѓани. Колумна на министерот за финансии Фатмир Бесими ___________________________________________________________ МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан