• петок, 05 декември 2025

Беровска делегација пожарникари во Нова Горица, оддадоа почит на херојот Жан Кофол

Беровска делегација пожарникари во Нова Горица, оддадоа почит на херојот Жан Кофол

Берово, 4 октомври 2025 (МИА) - Делегација пожарникари од Општина Берово престојува во Нова Горица, Република Словенија, по повод одбележувањето на годишнината од смртта на нивниот колега и херој Жан Кофол, кој трагично го загуби животот на службена должност.

Посетата е дел од повеќегодишната соработка меѓу противпожарните служби на Берово и Нова Горица, која се темели на заемна поддршка, размена на искуства и заедничко негување на пожарникарскиот дух, хуманост и солидарност.

Во рамките на престојот, беровската делегација го посети гробот на Жан Кофол, каде што со положување свежо цвеќе беше оддадена достојна почит кон неговото дело и жртва. Со тоа, како што истакнаа пожарникарите, се чува сеќавањето на неговата храброст и се потврдува заедничката определба за продолжување на борбата за заштита на човечки животи.

-Преку ваквите посети ги зајакнуваме пријателските врски меѓу нашите општини и ја потврдуваме заложбата за уште поинтензивна соработка во областа на противпожарната заштита и безбедноста на граѓаните, порачаа претставниците од беровската делегација.

Покрај официјалниот дел, престојот беше искористен и за средби со колегите пожарникари од Нова Горица, на кои беа разменети искуства и добри практики во справување со шумски пожари, елементарни непогоди и интервенции на терен.

Со оваа посета, Берово и Нова Горица уште еднаш ја потврдија својата посветеност кон градење на долгорочни партнерства, кои не се темелат само на професионална соработка, туку и на искрено пријателство и заемна поддршка во тешки моменти. вс/вј/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан