• четврток, 26 декември 2024

Берово го одбележува 23 Август, Ден на ослободувањето на општината

Берово го одбележува 23 Август, Ден на ослободувањето на општината

Берово, 23 август 2023 (МИА) - Во Берово денеска се одбележува 23 Август, Ден на ослободувањето на општината. По тој повод, делегација на Општината, политички партии и здруженија на граѓани положија свежо цвеќе на споменикот на паднатите борци во НОВ, а беше подготвен и краток осврт за делото на паднатите борци.

Општина Берово, како што рече градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски, денеска им оддава почит на хероите од минатото, загинатите борци кои со својата упорност и храброст го запишаа „23 Август" во историјата, како ден кога на темелите на слободата, Берово  започна да се гради.

- Денеска, потврдувајќи го заветот кој ни го оставија нашите херои, гордо живееме во слобода и независност и исправено стоиме пред предизвиците на денешницата, движејќи се кон остварување на целите во едно модерно време и унапредуваjќи ги сите сфери од општественото живеење. Се поклонуваме пред споменикот на паднатите борци, кои со својата жртва, оставија вечно дело и уште еднаш ветуваме дека  со оставање трага во нашето време, ќе продолжиме да го негуваме, она што го вложиле тие со своите животи, рече Пекевски.

Честитајќи им го денот на беровци, тој им посака понатамошен напредок и просперитет и продолжување на развојот на Берово. 

Одбележувањето продолжува со културно- уметничка програма.

- Во рамки на културно уметничката програма пред присутните свој настап ќе имаат Тимко Чичаковски кој заедно со Јована Богдановска, како вокал ќе ја доловат магијата на канонот, еден од најстарите инструменти на Балканот, додадоа од Општина Берово.

Одбележувањето на Денот на градот ќе заврши со третата самостојна изложба на уметнички фотографии од Мартин Буровски. вс/цр/

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан