• петок, 21 февруари 2025

Берни Сандерс за изјавите на Трамп: Тажен ден во американската историја

Берни Сандерс за изјавите на Трамп: Тажен ден во американската историја

Вашингтон, 20 февруари 2025 (МИА) - Американскиот сенатор Берни Сандерс го обвини претседателот Доналд Трамп и неговите сојузници дека се ставаат на страната на рускиот претседател Владимир Путин, предупредувајќи дека таквиот сојуз претставува закана за демократските вредности и меѓународните сојузи.

„Трамп и неговите американски олигарси сега отворено се приклучуваат на Путин и неговите руски олигарси“, напиша Сандерс на платформата Икс. „Овој сојуз значи напуштање на нашите сојузници, поддршка за авторитаризмот и поткопување на нашата демократска традиција.“

Сандерс го обвини Трамп дека „застана на страната на еден од најбруталните светски диктатори, ја загрози независноста на Украина и ги напушти европските сојузници со децениска традиција“.

Овие коментари доаѓаат по последните изјави на Трамп, кој го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски „диктатор без избори“.

„Диктаторот без избори Зеленски треба да побрза, инаку од неговата држава нема да остане ништо. Во меѓувреме, успешно преговараме за завршување на војната со Русија, нешто што сите знаат дека само администрацијата на Трамп може да го направи“, напиша Трамп на Трут соушл.

Зеленски му одговори дека Трамп е жртва на руски дезинформации и изрази надеж дека неговиот тим подобро ќе ја разбере „вистината за Украина“. ссм/

фото: архива

Остани поврзан