Берлин го повика рускиот амбасадор по протерувањето на двајцата германски новинари од Русија
- Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска соопшти дека Берлин го повикал рускиот амбасадор во земјата во врска со протерувањето на двајца новинари од германската јавна телевизија А ЕР Де од Русија.
Берлин, 28 ноември 2024 (МИА) - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок денеска соопшти дека Берлин го повикал рускиот амбасадор во земјата во врска со протерувањето на двајца новинари од германската јавна телевизија А ЕР Де од Русија.
„Протерувањето на вработените во А ЕР Де од Русија е неприфатливо и наведените причини се едноставно лажни и погрешни“, рече Бербок за време на заедничката прес-конференција со нејзиниот колега од Нов Зеланд, Винстон Питерс.
Москва вчера објави дека ќе ги протера двајцата новинари „како одговор“ на најавеното затворање на канцеларијата на првиот канал на Русија по наредба на Берлин, што Германија категорично го демантираше.
Портпаролот на германската влада изјави дека Берлин „не ја затворил канцеларијата“ на Првиот канал. „Руските новинари можат слободно и без пречки да работат во Германија“, истакна тој.
Министерството за надворешни работи соопшти дека е откажано продолжувањето на дозволите за престој на двајца руски новинари, со образложение дека „одлуките ги носат надлежните локални власти“.
„Едноставно не е точно (да се тврди) дека има ограничувања на слободата на печатот во Германија или во Европа“, рече таа.
Двајцата руски новинари, на кои не им беа продолжени дозволите за престој, „можат да ја обжалат оваа одлука, и токму тоа е разликата помеѓу една процедура во рамките на легитимна држава и едно произволно решение“, рече таа. паг/
Фото: МИА архива