• петок, 05 декември 2025

Берлинчани не сакаат Олимписки игри во нивниот град

Берлинчани не сакаат Олимписки игри во нивниот град

Берлин, 24 ноември 2025 (МИА) - Мнозинството жители на Берлин не сакаат градот да се кандидира за домаќин на Олимписките игри, покажува денеска објавената анкета, нарачана од дневниот весник „Тагешпигел“.

Во анкетата 67 отсто од испитаниците се изјасниле против кандидатурата за Олимписките игри во 2036, 2040 или 2044 година, 27 отсто го поддржале планот, а околу шест отсто биле неодлучни.

Германската конфедерација на олимписки спортови (DOSB) планира во третиот квартал од 2026 година да одлучи кој град или регион ќе аплицира и за кои Летни игри. Се разгледуваат кандидати за Олимписките игри во 2036, 2040 или 2044 година, а градовите Берлин, Хамбург и Минхен, како и регионот Рајна-Рур, ја изразија својата намера да учествуваат во кандидатурата.

Жителите на Минхен неодамна ја поддржаа олимписката кандидатура, додека сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија ќе одржи референдум на 19 април за тоа дали регионот Рајна-Рур треба да го продолжи процесот.

И покрај резултатите од анкетата, олимписките планери во Берлин немаат сомнежи дека постои силна поддршка за кандидатурата на градот.

„Феномен е во Берлин секогаш за се да се дискутира долго и нашироко. Но, на крајот, се појавуваат динамика и голем ентузијазам“, изјави за ДПА олимпискиот претставник, Каве Нироманд.

Нироманд и претседателот на Берлинската државна спортска асоцијација, Томас Хертел, не гледаат причина за загриженост во оваа фаза.

Хертел рече дека другите анкети покажуваат повисоки нивоа на поддршка за кандидатурата на Берлин за домаќин на Игрите. Меѓуто, тој јасно стави до знаење дека „резултатите од анкетата значат дека сè уште се соочуваме со голем предизвик и дека мора да го промениме јавното мислење“.

Нироманд најави неколку мерки наменети за подобрување на атмосферата во градот. Сите активности се планирани за септември 2026 година, кога DOSB ќе одлучи за германскиот град-кандидат.

Германија беше домаќин на Летните олимписки игри во Берлин во 1936 година и во Минхен во 1972 година, како и на Зимските олимписки игри во Гармиш-Партенкирхен во 1936 година. Неколку кандидатури оттогаш пропаднаа или беа спречени со референдуми.сд/

фото: ЕПА

Остани поврзан