• понеделник, 23 декември 2024

Белата куќа оценува дека изјавите на Хамас за прекин на огнот во Газа не се охрабрувачки

Белата куќа оценува дека изјавите на Хамас за прекин на огнот во Газа не се охрабрувачки

Вашингтон, 10 април 2024 (МИА) - Белата куќа денеска соопшти дека изјавите на Хамас во врска со предлогот за прекин на огнот во Газа поврзан со ослободувањето на заложниците „не се многу охрабрувачки“, иако посредниците се уште чекаат официјален одговор од палестинското исламистичко движење.

-Го видовме Израел како прави неколку чекори напред во однос на она што го нуди на преговарачката маса. И, се разбира, видовме јавни изјави од Хамас кои не беа многу охрабрувачки, изјави советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан.

Саливан додаде дека разговарал со катарскиот премиер Мохамед бин Абделрахман Ал Тани, кој кажал дека се уште не добил одговор од Хамас за предложениот договор.

Тој прецизираше дека предлогот беше даден за време на маратонската средба во неделата во Каиро, на која присуствуваа претставници на израелската влада и Хамас преку посредници од Египет, САД и Катар.

-Извршив притисок за одговор од нивна страна што е можно поскоро и штом имаме повеќе информации за оваа тема, ќе ви ги пренесеме, им соопшти Саливан на новинарите во Белата куќа, додавајќи дека  „е време да се склучи примирје“.

„Ние сме подготвени, мислам дека Израел е подготвен и мислам дека Хамас треба да дојде на маса и да биде подготвен да го заклучи исто така“, рече Саливан. сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан