• четврток, 12 декември 2024

Бектеши: Поттикнувачи на поделбите меѓу етничките заедници се политиката и институциите

Бектеши: Поттикнувачи на поделбите меѓу етничките заедници се политиката и институциите

Скопје, 5 декември 2024 (МИА) – Во последните месеци има поголема поделба меѓу етничките заедници во државата. Граѓаните меѓу себе немаат проблем, поттикнувач на поделбите се политиката и институциите кон кои тие имаат недоверба поради селективност, смета Крешник Бектеши од Демократската унија за интеграција.  

Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ во Собранието поднела интерпелации за работата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, неговиот заменик Астрит Исени и вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ затоа што меѓуетничките односи и кохезијата се нестабилни, а МВР, според Бектеши, потфрлило на денот на знамето на Албанија зашто на граѓаните не им било дозволено да прославуваат на плоштадите низ земјава.  Однесувањето на лицата приведени од полицијата тој ги нарече индивидуални акти. 

-Соопштивме дека осудуваме такви однесувања и таму треба да се применуваат законите на нашата држава. Но нема никаква примена на законите врз државата, а има за некои тинејџери... ДУИ не поттикнува дестабилизација, туку секогаш повикуваме на смиреност и незагрозување на меѓуетничките односи. Ако тоа се аргументите на г. Тошковски, добро е да дојде во Собрание и да се соочи и да ги каже своите аргументи. Но, спротивното е. Може да има индивидуални акти во сите држави во светот и можеби таму Тошковски има право... но дали се преземени мерки врз тие што ја претставуваат државата и институциите... како што е полицијата во Република Македонија, рече Бектеши во интервју во Дневникот на ТВ Сител.

На прашањето што добива ДУИ со четирите интерпелации кога ќе останат сами во Собранието бидејќи  поддршка ќе немаат од опозициската СДСМ, Бектеши одговори дека „ќе добијат граѓаните“ зашто ќе виделе соочување на аргументите со четворицата членови на Владата кои „само даваат изјави, а бегаат од дебати со опозицијата и јавноста“. 

Прашан кој ја поттикнал наставничката да ја организира приредбата во училиштето во село Челопек, одговори дека со општина Брвеница не раководи ДУИ туку ВМРО-ДПМНЕ. Оружјето и мапата на „голема Албанија“ кои беа дел од приредбата на учениците, според него, „можеби се погрешен чин“, но не и униформите и амблемите на УЧК.

-УЧК е дел од нашата држава. Формирана од граѓани на Република Македонија кои се бранеле и барале права во оваа држава. Симболите кои се важни за една етничка заедница треба да се почитуваат од другата етничка заедница, рече Бектеши според кого меѓуетничките поделби спласнале со Рамковниот договор и праша „дали денес треба да се вратиме 25 години назад“. 

За Уставниот суд, кој овој месец треба да ја разгледа уставноста на Законот за употреба на јазиците,  рече дека „не одлучува со консензус“ и дека врз него „вршат притисок одредени политички партии“ кои таквите иницијативи ги праќале во Судот додека биле во опозиција и ги вклопиле во своите предизборни програми. 

-За одлуките на Судот најдобро е да ги слушаме членовите на Уставниот суд кои се од другите етнички заедници и тие секој ден даваат изјави дека во моментов селективно се одлучува во Уставен суд, рече Бектеши. хс/са/

Фото: принтскрин / ТВ Сител

Остани поврзан