• понеделник, 23 декември 2024

Бектеши: Кон почетокот на следната недела ќе ги промовираме мерките (ДПЛ)

Бектеши: Кон почетокот на следната недела ќе ги промовираме мерките (ДПЛ)
Скопје, 4 февруари 2021 (МИА) – Министерот за економија Крешник Бектеши верува дека следната недела ќе биде објавен новиот петти антикризен пакет мерки за поддршка на граѓаните и стопанството. Во емисијата „Вин-Вин“ на телевизија Телма, министерот најави дека до понеделник ќе се направи уште една консултација со стопанските комори и со синдикатите со цел да се прецизираат предлог-мерките. – Утре имаме уште еден состанок во склоп на Владата. Убеден сум дека кон почетокот на следната недела ќе ги промовираме мерките. Во текот на наредните денови до понеделник ќе имаме дополнително состанок со стопанските комори и со синдикатите. Ќе ги разгледаме уште еднаш нивните коментари на нашите предлози кои се донесени во консултација со различни засегнати страни, рече Бектеши. Мерките од петтиот сет, како што истакна, ќе бидат насочени кон проактивност на стопанството и на институциите. Предвидено е во економијата директно да се вбризгаат 50 до 60 милиони евра преку различни олеснувања и мерки. Целта е компаниите да покажат позитивни резултати, а Владата да ги поддржи преку грантови шеми. - Имајќи го предвид бројот на заразени и како се одвива епидемиолошката состојба во државата и во регионот, време е да започнеме со мерки каде ќе бидеме проактивни како институции и како стопанственици, а да не бидеме само пасивни. Со покажување на позитивни резултати, сакаме да ги поддржиме компаниите преку грантови шеми, со што се консултиравме и со експерти во однос на реализиција на првите сета на мерки. Ако видиме од првите месеци од почетокот на пандемијата преку мерката за финаниска поддршка за исплата на плати каде што дадовме поддршка за 12 илјади вработени, во декември таа бројка е на половина. Тоа ни дава за право да одиме со мерки како што се бескаматни кредити во делот на исплата на плати, рече Бектеши. Тој потенцираше дека дека со четирите сета мерки не само што се зачувани работните места и се помогнати најпогодените сектори, туку во декември забележан е и раст на индустриското производство. Во однос на злоупотребата со финансиската поддршка за плати што се прави од страна на компаниите, а за што денеска на прес-конференција информираше и директорката на Управата за јавни приходи, министерот Бектеши е со став дека оние компании кои ги злоупотребиле парите, не треба да добијат повеќе помош од државата. – Тоа сум го барал и во Владата и јавно кажувам дека треба да ставиме критериуми – компаниите кои се објавени од страна на УЈП, да не можат да аплицираат за да добијат помош, а ако треба, за нивните вработени ќе се грижи државата, рече Бектеши во вечерашното гостување на Телма телевизија. бак/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан