• сабота, 16 ноември 2024

Бектеши: За Митилинеос имаме обврска за закон за индустриски развојни зелени зони, не знаеме дали ќе биде изгласан

Бектеши: За Митилинеос имаме обврска за закон за индустриски развојни зелени зони, не знаеме дали ќе биде изгласан

Скопје, 5 март 2024 (МИА) - Министерот за економија Крешник Бектеши и кадар од ДУИ во Владата, најавува дека за поддршката на предлог законите за стратешки инвестициски проекти во енергетиката во партијата во текот на неделава ќе заседава надлежната комисија и ќе ги разгледа, како што вели, за да знаат пратениците во детали што треба да гласаат. 

Денешното отуство на пратениците од ДУИ на комисиската расправа, според него, не било чекање на партиска координација, туку објаснување на договорот и работите што се предвидени во делот на енергетиката, заради тоа што, како што рече, не се сите пратеници експерти во делот на енергетиката. 

-За „Митилинеос“ имаме обврска да менуваме законски решенија или да донесеме нови кои не знаеме дали пратениците ќе ги изгласаат. Значи, ние претпоставуваме дека во одреден период ќе се донесе некое законско решение за кое предлагач треба да биде Министерството за економија. Воедно, како Министерство за економија имаме текст за тоа законско решение, првпат ќе го кажам - законот за индустриски развојни зелени зони каде е преземена одговорност,  а не можеме да знаеме дали пратениците ќе го гласаат или не, рече Бектеши, во гостување на ТВ Сител. 

За другите одредени стратешки инвестиции, соопшти Бектеши, претходно со наш предлог сме побарале да направат анализа реномирани институции во делот на договорот и обврските што ќе ги преземеме за државата во наредните 30 години каде има фискални импликации, но има и придобивки во инвестиции, зголемување на производство на електрична енергија и во делот на цените. 

Тој не смета дека Министерството за економија е исклучено од процесот, откако законите беа повлечени од Собранието и повторно доставени, но со подносители од СДСМ. Повтори дека за едно од законските решенија Министерството за економија мисли дека треба да има преговарање од почеток за одредени работи имајќи го, како што рече, предвид текстот, обврските и тоа што го дава државата, тоа што го нуди стратешкиот инвеститор и слично. 

- И затоа на седница на Владата побарав во име на Министерството за економија да бидат повлечени законските решенија и тие да бидат претставени и образложени од министри на Владата кои биле директно вклучен во делот на преговорите за сите детали во однос на текстот на сите стратешки инвестиции, рече Бектеши.  

Четирите предлог-закони за стратешки инвестициски проекти  „Соларен парк Стипион“, AIM GREEN TECH, МИТИЛИНЕОС когенеративна постројка Скопје и соларна електрична централа Пехчево, сите по скратена постапка, се на дневен ред на 145. седница на Собранието, чие продолжение е закажано за утре.лв/цр

фото:МИА архива 

 

 

 

 

 

Остани поврзан