• вторник, 24 декември 2024

Бектеши за Иловица: Се вративме чекор назад, да не се остави простор за арбитражна постапка

Бектеши за Иловица: Се вративме чекор назад, да не се остави простор за арбитражна постапка

Скопје, 26 јули 2023 2023 (МИА) - Вчера не беше одбиена одлуката за спојување на концесиите, туку се донесе одлука со која престанува да важи претходната одлука за спојување на концесиите. Всушност, не сме им земале некакво право на концесионерите, ниту сме им ја зеле концесијата или сме им го одбиле барањето, ние само сме се вратиле чекор назад. Тоа го кажав и вчера и пред еден месец. Јас ќе ја почитувам секоја владина одлука, тоа ми е и обврска, но е и моја должност како претставник на Министерството за економија да укажам на можни последици од носење или неносење одлуки.

Вака министерот за економија Крешник Бектеши ја дообразложи постапката околу концесиите за рудникот „Иловица - Штука“ на двочасовната прес-конференција и напомена дека Министерството за економија е подготвено да направи уште еден теренски увид, за да се утврди дека концесиите се соседни и дека се работи за истиот концесионер.

Според Бектеши, одлуката за враќање на концесијата е конечна, а за барањето за спојување на концесиите од 2016 година му е наложено на Министерството за економија да постапи согласно управната постапка. 

Тој најави дека кога ќе се бара дозвола за експлоатација за втората концесија, Министерството за економија ќе ја донесе истата одлука како за првата концесија, а тоа е одбивање со решение на барањето за дозвола на експлоатација поради некомплетна документација што следствено ќе значи предлог-одлука за едностран раскин на договор.

 -Вчера на владината седница имавме повеќечасовна дискусија, изнесени беа различни ставови. Едногласно беше донесена Одлуката за прекинување на важноста на претходната одлука за спојување на концесиите, но јас апстинирав зашто не можам како претставник на Министерството за економија да гласам спротивно на тоа што и вчера и пред еден месец беше презентирано и орбазложено од страна на Министерството за економија. Јас ќе ја почитувам владината Одлука, но мора да потенцирам дека моја должност како министер за економија е да се запазат правно-формалните процедури. Треба да ги заштитиме целосно граѓанинот и државниот интерес и да не одолговлекуваме со неносењето одлуки. Сега, практично се враќаме назад, роковите се враќаат од почеток. Веќе сме одзеле една концесија во 2019 година за некомплетна документација по барањето дозвола за експлатација. За жал, таа одлука е одбиена од страна на судот. Министерството за економија ќе го донесе истото ова решение и за втората концесија, но дали тоа ќе го реши проблемот? Ние не сме убедени дека ќе го реши. Со престанокот на важење на претходната одлука, формално-правно се враќаме таму каде што бевме, не носиме ни негативна, ни позитивна одлука, објасни Бектеши.

Тој уште еднаш потенцира дека институциите не треба да молчат, туку треба да донесат конкретни акти за да не му остават простор на концесионерот да се повика на неносење одлуки. 

-Ние треба да постапиме согласно претходни управни постапки и барања и не да молчиме како институции, туку да донесеме конкретни акти, да не оставаме простор да се повикаат на неносење одлуки. Тоа е ставот на Министерството за економија, јасен и прецизен и повеќе сме од убедени дека е точен и вистински. Оваа нова владина одлука само ја враќа ситуацијата во статус-кво и ја изложува Северна Македонија на потенцијална арбитражна постапка, која може македонските граѓани да ги чини многу. По 5, 6 или 10 години, моите и вашите деца и на сите граѓани од денешните одлуки може да патат и да плаќаат милионски суми за административни – технички пропусти, рече Бектеши.

Нашите очекувања, како што рече, се дека оваа одлука ќе се спори од страна на концесионерот, што е нивно право.

-Како институција ќе направиме максимум за да ја браниме оваа одлука. Иако морам да бидам многу транспарентен со јавноста. Имајќи ги предвид аргументите кои ги презентирав тука и можна правна разврска во иднина, ние како Министерство за економија вчера апстиниравме од оваа одлука на Владата. Но, ние не излегуваме во јавност да кажеме дека нема да ја почитуваме оваа одлука, затоа што не сме убедени во неа. Ние ќе направиме се што е во наша надлежност да ја браниме оваа одлука. Но, сите правници, во Министерството и надворешни адвокатски куќи велат дека ова не ја менува суштината. И после оваа одлука, концесионерот „Еуромакс“ има сопственост на двете концесии. И после оваа одлука ќе има право да го повтори барањето за спојување на концесиите, подвлече Бектеши.

Одговорајќи на новинарски прашања, министерот истакна и дека потенцијален нов инвеститор ќе треба да го исполни условите од новиот Закон за минерални суровини кој не дозволува користење цијанид за експлатација на руда.

Во врска со наводните информации во јавноста дека некои владини членови биле „излажани“ и „измамени“ од Министерството за економиоја во врска со случајот „Иловица“, Бектеши во неколку наврати на прес-конференцијата рече дека очекува тие да излезат и јавно да кажат дека не било така.

-Вчера добив потрвда од колегите дека не кажале дека биле излажани или измамени, очекувам тоа да излезат и јавно да го демантираат. Биле толкувани поинаку и тоа ќе го кажат. Министерството за економија работи согласно законските прописи, согласно насоките и одлуките на судот, а во делот на одлуките е одговорност на Владата да донесе одлука - и за детални геолошки истражувања и за екслоатација и за спојување како во конкретниот случај, нагласи Бектеши.

Образложувајќи ги сите судски и управни постпаки, министерот потсети дека откако се смени власта и откако тој дошол на функцијата, било обновено барањето до Владата во 2018 година и била доставена Предлог-одлуката за спојување, согласно теренскиот увид и записникот од луѓето кои го направиле увидот.

-Во претходната Влада, на четири седници минимум била ставена на дневен ред точката за спојување на концесиите, но на ниту една од тие седници Владата не донела одлука. Четири пати ја одложила точката и му се давало простор на тој начин на концесионерот да ја тужи одлуката за одбивање решенија за дозвола за експлоатација, рече Бектеши. 

Владата на 27 јуни годинава гласаше да се спојат двете концесии, првата на локалитетот „село Иловица“ во општина Босилово, а другата исто така на локалитетот „Иловица“, но и на дел во општина Ново Село. Како што рече Бектеши, првата концесија според територијата целосно се поклопува под втората концесија, која опфаќа поголема површина. мч/ар/

фото: принт скрин

 

Остани поврзан