• сабота, 23 ноември 2024

Бектеши до ВМРО-ДПМНЕ: Кажете конкретни мерки за заеднички да придонесеме во решавањето на енергетската криза

Бектеши до ВМРО-ДПМНЕ: Кажете конкретни мерки за заеднички да придонесеме во решавањето на енергетската криза
Скопје, 21 септември 2022 (МИА) - Србија троши 2,5 милиони евра за набавка на електрична енергија на отворениот пазар, Црна Гора три милиони, Албанија два, а Северна Македонија нула, рече денеска министерот за економија Крешник Бектеши пред членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност која расправа по владината Предлог-одлука за продолжување на кризната состојба до 30 април 2023 година. Одговорајќи му на пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ кој обвини дека државата не носи соодветни, ниту навремени мерки за справување со кризата, Бектеши апелира опозицијата да излезе со конкретни предлози, а не да изнесува невистини и да блокира. -Вкупно 172 милиона евра се потрошени од државниот буџет за ублажување на кризните состојби, а не 450 милиони како што велите. Пред една недела, согласно владината одлука, се префрлени уште 50 милиони евра, што значи дека не се повеќе од 230 милиони евра. Не кажувајте невистини пред јавноста и пред вашите колеги кои знаат за што гласале, му рече Бектеши на Стојановски. Министерот напомена и дека земјава има складишта на нафта и државни резерви, но нема складишта за природен гас. -Мислев ќе дојдете со конкретен предлог за изградба на складишта за природен гас, зашто складишта за нафта и нафтени деривати имаме во доволни количини и тоа сите го знаат. Можеби ќе ве искара партискиот лидер Мицкоски за она што го кажавте околу енергетиката тука. Ова го велам зашто Осломеј не работеше неколку години, а сега целосно е ставен  во функција. Неколку години таму не се прави ископ на јаглен. Согласно Стратегијата за енергетика беше предвидено Осломеј да се затвори од минатата власт. Но, Стратегијата е ревидирана согласно случувањата и планот за производство на електрична енергија. Во наоѓалиштата во Битола само еден рудник беше отворен, Суводол. Пред година - година и пол се отвори и новиот рудник во рамки на Суводол, а во наредните денови ќе се отвори и Живојно. Што се направи во минатото за да се отвори Живојно? Немаше ни иницијатива. Ова е вистината за која може да доставиме и документи, потенцира Бектеши. Подготвен сум, дополни, да зборуваме за конкретни предлози  и мерки, за фискалните импликации, за тоа дали и како да им се помогне на училиштата, клиниките, јавните претпријатија,... -Повелете, кажете мерки, конкретни мерки, му рече министерот на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ. Стојановски претходно оцени дека одлуката за продолжување на кризната состојба е добра, но задоцнета и се што Владата презема сега, требала да го направи лани. -Требаше да најдете складишта за нафта или да се изградат нови, станици за втечување гас, алтернативни извори на енергија, мерки за зголемување на енергетска ефикасност во домовите и индустријата, рече Стојановски. Согласно владината Предлог-одлука кризната состојба во енергетскиот сектор треба да продолжи до 30 април 2023 година, а ако се донесе од Собранието, би стапила во сила на 1 октомври. мч/лв/  

Остани поврзан