• среда, 25 декември 2024

Бекам: Јас како дете го имав Фергусон, денес е многу потешко за младите играчи

Бекам: Јас како дете го имав Фергусон, денес е многу потешко за младите играчи
Манчестер, 27 јули 2020 (МИА) - Дејвид Бекам верува дека во негово време било многу полесно да се игра фудбал отколку што е денес. Легендарниот англиски фудбалер ја поддржа иницијативата на принцот Вилијам „Heads Up“, во која се нагласува важноста на менталното здравје кај луѓето, вклучително и фудбалерите. Во соработка со Бекам и некои други фудбалери, тие ја направија декларацијата „Mentally Healthy Football“, која ќе им ја дадат на клубовите да ја потпишат. На презентацијата на декларацијата, Бекам зборуваше за неговите играчки искуства. - Кога бев фудбалер, влоговите беа големи, но ни близу како што се денес. Денес има многу повеќе фактори кои влијаат на фудбалерите, а тука е и огромниот товар од социјалните медиуми. Имав многу среќа што бев во клуб како Манчестер Јунајтед, кој имаше тренер како Алекс Фергусон. Кога го добив првиот црвен картон, првиот човек што ми се јави подоцна беше Фергусон. Тој ми рече да не се грижам затоа што клубот ќе се погрижи за мене, рече Бекам. Тој вели дека се чувствувал заштитено, иако понекогаш се прашувал што мислат фановите за него. - Но, немаше социјални мрежи. Ако ги имаше, сигурно ќе беше уште потешко за нас, рече Бекам.

Тагови

Остани поврзан