• сабота, 23 ноември 2024

Безбедносно-разузнавачкиот систем приспособен на стандардите на ЕУ и на НАТО, потребни се подобрувања во легислативата

Безбедносно-разузнавачкиот систем приспособен на стандардите на ЕУ и на НАТО, потребни се подобрувања во легислативата
Скопје, 20 октомври 2022 (МИА) - Реформите на безбедносно-разузнавачкиот систем генерално се направени, системот функционира, сепак потребни се подобрувања, особено во делот на надзорот на работата на безбедносно-разузнавачките служби, како и во однос на физичкото одвојување од МВР на Агенцијата за национална безбедност. За подобрување на надзорот, пред сè, со вклучување на граѓанскиот сектор, потребни се законски измени, согласни се и власта и опозицијата, која пак смета дека е потребна посуштинска измена, не само на еден член за Советот за граѓански надзор, туку носење посебен закон за надзор на службите, со кои ќе се зголемат ингеренциите на оние кои го вршат надзорот. Ова беа дел од поентите на Годишната конференција во рамките на Програмата за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор во Република Северна Македонија (2021-2026), што се одржа вчера во Скопје, во организација на женевскиот Центар за управување со безбедносниот сектор (ДЦАФ). Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање меѓу другото нагласи дека се направени законски измени во безбедносната област во насока на реформскиот процес, кои се приспособени на стандардите на Европската Унија и НАТО, со кои се воведуваат одредени законски норми и стандарди за Собранието и впрочем за сите институции. Тој изрази и уверување дека со преземените мерки и активности согласно законските измени, ќе се обезбеди и зголемено ниво на отчетност од страна на сите чинители. – Демократското владеење и надзор е обврска на сите сегменти од општество и на целиот државен апарат. Секој треба да го даде својот максимум во своето работење, пристапувајќи на секое нерешено прашање со искрена намера за изнаоѓање на одржливо решение кое нема да служи само на политичкиот фактор на власт, туку ќе биде општо прифатено и почитувано подеднакво од сите. За тоа да биде така, секако дека решението треба да се разгледува инклузивно, со учество на сите политички субјекти и крајното решение да биде консензуално постигнато решение во склад со европските норми. Ова секако ќе се наметне како обврска и со отворањето на преговорите со ЕУ и првиот преговарачки кластер, односно Фундаменти, рече Џафери. Во однос на спроведувањето на донесените законски решенија, најдобриот тест за квалитет на секој закон е неговата имплементација на терен, оти само тогаш, вели, се воочуваат празнините или недореченостите кои се несоодветно решени. - Битна е целосната имплементација на легислативата. За Собранието е исклучително важен Законот за следење на комуникации, особено делот на парламентарниот надзор, техничките експерти и Советот за граѓански надзор кој што се уште не е активен токму поради недореченост на законското решение, истакна спикерот Џафери. Според евроамбасадорот Дејвид Гир, реформите во безбедносниот и разузнавачкиот сектор се далеку од завршени, а процесот за интеграција во ЕУ, што сега добива моментум по отворањето на преговорите и носи дополнителни барања што се поврзани со заштитата на човекови права и основни слободи, треба да се искористи со цел да се движат реформите. На овој начин, додава тој, ќе се овозможи добро владеење и јавна доверба во институциите во овој многу чувствителен сектор, како и во други сектори. Дополнителни напори и волја се потребни од страна на Владата, Парламентот и политичките партии и другите чинители, не само поради процесот за преговарање со ЕУ, туку пред сè заради интересите на граѓаните. – Надзорот и контролата на безбедносните и разузнавачките служби и нивната реформа е комплексна работа, меѓутоа е многу важен процес. Парламентот претставуваше посветен партнер во овој процес. Ние очекуваме постоечкото законодавство за следење да биде променето, со цел комисиите за надзор во Парламентот да функционираат подобро и Советот за граѓански надзор да биде целосно функционален. Создавањето „заштитена соба“ треба да се случи без понатамошно одложување, истакна Гир. И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски потенцира дека се направени успешни реформи на безбедносниот систем и успешно функционира системот на следење на комуникациите и на безбедносната служба, но тоа не е доволно и реформите треба да продолжат и понатаму. Фокусот на институциите треба да се насочи на ставање во функција на граѓанскиот надзор и контрола за што смета дека е потребно многу малку за тоа да се надмине и профункционира со допрецизирање на законското решение во Собранието.   –  Да се стави акцент само на профункционирањето на граѓанскиот надзор, но се отворија и други работи кои задираат во работата на агенцијата, што не е целта на ова законско решение. Сметам дека ние тоа не смееме да си го дозволиме затоа што е назадување, изјави Спасовски.

Според министерката за одбрана Славјанка Петровска, освен надзорот на оваа служба треба да се отвори и едно друго прашање, за кое, како што рече таа како министерка е подготвена да се откаже од своето дискреционо право, а тоа е назначувањето раководител на оваа служба.  

- Во Министерството во рамките на основните закони се разбира пропишани се некои правила коишто јас не ги сметам за доволни. Затоа што ако сакаме да го постигнеме она што беше суштината на почетокот на оваа реформа, тоа е намалување на политичкото влијание врз работата на овие служби, во тој случај сметам дека и овој сегмент мора да биде предвид. Така што, ова нека биде со оглед на тоа што од оваа страна на салата гледаме луѓе кои исклучително ги ценам и почитувам за трудот кој го вложиле во делот на безбедносно-разузнавачката заедница се разбира и заштитата на човековите права и чие што знаење секако ќе биде добредојдено, нагласи Петровска.

Претседателот  на собраниската Комисија за надзор на работата на АНБ и АР, Љупчо Пренџов пред присиутните истакна дека во извештајот на ЕК е нотирано дека има подобрување во однос на претходните години, во безбедносно-разузнавачкиот систем во државата, но нагласи дека за да биде ефектен собранискиот надзор, мора да има можност за пристап до релеватни информации и непречени разговори со одговорните во разузнавачки служби. Прецизирање на поимот државна тајна, побара Пренџов, нагласувајќи дека не може 95 отсто од работите, да се класифицираат како државна тајна, а во нив да „нема месо“. - Не треба да се фалиме дека сме имале надзор заради надзор, колку тоа да се каже или некаде да се запише. Ова е сектор кој во изминатите 30 години два пати крахираше на отворена сцена, тоа имаше сериозни последици и го урна имиџот на државата. Треба да сфатиме во оваа држава граѓаните се тие, кои ги плаќаат носителите на јавни функции, без разлика во која институција, а транспаретноста, учеството на јавноста и доброто владеење мора да важи и за оние кои се одговорни во безбедносно-разузнавачкиот сектор, рече Пренџов кој смета дека се потребни измени на законот за следење на комункациите по терк на европските стандарди, и да има еден посебен закон за надзор на сите комисии, со што ќе се зголемат нивните ингеренции. Директорот на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски истакна во однос на надзорот над работењето на АНБ дека во овој тригодишен период имале 15 средби со двете комисии што е повеќе од сите претходни мандати. Целосно се отворени кон контрола, а вели, друго е прашањето дали во работењето на комисиите за надзор има проблем. Директорот на Агенцијата за разунавање Еролд Муслиу, пак, напомена дека тие како агенција се отворени за надзор и контрола во рамките на законските ограничувања, имајќи ја предвид специфичноста на работата на АР. - Сме биле на располагање, даваме одговори, сме имале безбедносни брифинзи. Ние како Агенција за разунавање сме отворени за надзор и контрола во рамките на законските ограничувања, имајќи го предвид разузнавањето во странство и имаме лимити без разлика што членовите на Комисијата имаат безбедносни сертификати, не можеме да одиме подлабоко, додаде тој. Директорот на ОТА, Зоран Ангеловски, пак, нагласи дека во ОТА се врши организирано прислушување но легално, и тоа е строго контролирано, но, вели, недостига ефикасен парламентарен надзор што тоа ќе го потврди. – Одговорно тврдам дека она што се случува во ОТА е строго контролирано. Ние изградивме комплетно дигитализиран систем сето ова е организирано на прилично модерен начин согласно стандардите на НАТО и ЕУ. ОТА е комплетно дигитализирана. Ние знаеме во ОТА дека сме комплетено чисти, но тоа не е доволно. Суштината е дека треба да дојде контрола тоа да го констатира на ефикасен начин и од таму и да излезе едно соопштение до јавноста дека се е во ред. Но, она што сакам да го кажам е дека по секоја контрола од собраниската комисија од претходниот и сегашниот парламентарен состав секогаш имаме горчлив вкус и тоа не е по вина на ОТА, ниту на парламентарната комисија, законите се напишани така како што се напишани, вели директорот на ОТА и нагласи дека е потребно технички експерти тоа да го проверат, за што апелира веќе три години. Пратеникот Игор Јанушев, претседател на собраниската Комисија за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите, се согласи дека проблемот е немање технички експерти со чиј надзор би се покажало дека со ОТА сè е во ред.   - Иако со сите проблеми со кои се соочивме при формирањето на оваа Комисија како работно тело во Собранието во однос на добивањето на безбедносните сертификати успеавме со запазување на законските рокови да објавиме јавен оглас, да спроведеме интервјуа, да ги избереме експертите, но еве веќе две години од страна на Собранието истите не се ангажираат и ние сме во немоќност да спроведеме ефективен надзор, вели Јанушев. На дебата стана збор за уште еден проблем, а тоа е потребата од физичко одвојување на АНБ од МВР. – Би сакал АНБ и физички да биде одделена од МВР, а не само легислативно. Сметам дека големата проактивност треба да биде во делот на граѓанскиот надзор, изјави Спасовски. Димовски, исто така, се согласи дека мора да се вложат дополнителни напори и покрај функционалното разделување од МВР треба да се направи и физичко одделување, како и да се реши просторното и материјалното функционирање на Советот за координација на безбедносните разузнавачки служби. Беше потенцирано и значењето на зајакнувањето на сите сегменти на кибербезбедноста.Според Ангеловски државата во делот на кибер безбедноста е на недозволиво ниско ниво. – Во моментот реакцијата на државата на еден евентуален кибернапад е на ниво на мртов коњ, рече Ангеловски. Според директорот на ОТА, дигитализацијата на општеството не може да направиме без кибербезбедност. Актуелниот систем што го имаме, оцени тој, е благо речено анахрон, а тоа е заклучок на сите институции. ОТА изработиле дигитален систем за пренос на класифицирани информации, кој е еден од најмодерните во регионот, со високо ниво на заштита, прв пат со употреба на крипто заштита со квантна технологија, но шест месеци се чека за акредитација од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации (ДБКИ). Ангеловски информираше дека оваа апликација е направена заедно со десет институции во државата и со неа, како што рече, е невозможно да се згреши и целата комуникација со институциите, меѓу кои и со судовите, е документирана. – Направено е нешто во кое не можеш да направиш грешка, не можеш да цитираш погрешен закон, не можеш да пробиеш рокови, не може да истече податок. Во моментов имаме систем на кој му фалат уште гулаби – писмоноши, рече тој. Во врска со акредитацијата, што се чека, Слаѓана Божиновска од Дирекција за безбедност на класифицирани информации, одговори дека интензивно се работи на случајот, но, како што рече, потребно е време бидејќи станува збор за комплексни процедури, но и заради можностите и капацитетите со кои работат. – Потребно е време, технички можности и во моментот интензивно се работи. Се прегледува потребната документација што е пропишана и во законот и воопшто во работата со класифицирани информации. Тоа е сегмент каде одередени работи што се пропишани нема маневри, изјави Божиновска. Додаде дека е факт оти техничкиот момент околу мерењето на зрачењето не е во нивна можност, но, истакна, постојат решенија, во соработка со партнерски служби во регионот и тоа да се оствари. вг/ац/

Остани поврзан