• сабота, 21 декември 2024

Бајден: Граѓаните не треба да се плашат од нуклеарна војна

Бајден: Граѓаните не треба да се плашат од нуклеарна војна
Вашингтон, 28 февруари 2022 (МИА) - Американските граѓани не треба да се плашат од нуклеарна војна, изјави вечерва американскиот претседател Џозеф Бајден, еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин нареди руските сили за одвраќање, кои вклучуваат и нуклеарно оружје, да бидат ставени во состојба на висока готовност. Додека Бајден заминувал од говорницата во Белата куќа, еден од американските новинари го прашал дали граѓаните на САД треба да бидат загрижени поради можноста за избивање нуклеарна војна, на што американскиот претседател одговорил „не“, пренесува Индипендент. Претходно портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки изјави дека САД веруваат оти во овој момент нема причина да се промени нивото на нуклеарна подготвеност. - Не го сменивме нашиот статус и оценка во тој поглед, но мораме да бидеме и внимателни поради заканите на Путин, истакна Псаки за MSNBC. Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека нуклеарните сили и северната и пацифичката флота се во состојба на зголемена борбена готовност. Бајден во текот на денот разговараше со американските сојузници и партнери, додека неименуван претставник на Белата куќа изјави дека нуклеарна војна никогаш не треба да се води, дека во неа нема победник и дека Путин ја ескалира ситуацијата со „опасна реторика“. гт/

Остани поврзан