• сабота, 23 ноември 2024

Бајден во Северна Ирска на годишнината од мировниот договор: Мирот и силната економија одат рака под рака

Бајден во Северна Ирска на годишнината од мировниот договор: Мирот и силната економија одат рака под рака

Белфаст, 12 април 2023 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден денеска изрази надеж дека Северна Ирска „нема да се врати“ во ерата на смртоносно насилство што заврши пред 25 години со мировен договор спонзориран од САД, потсетувајќи ги политичарите да ја решат политичката криза што ја остави земја без функционална влада.

- Нам ни останува да го продолжиме ова, рече Бајден во Белфаст, осврнувајќи се на економскиот раст и просперитетот на Северна Ирска откако беше потпишан ирскиот „Договор од Велики петок“ - како што официјално се нарекува. Пред постигнувањето на овој договор, 3.600 луѓе загинаа во долгорочниот конфликт еуфемистички наречен „Неволји“ меѓу унионистите и застапниците за обединување со Ирска.

Во својата прва претседателска посета на Северна Ирска, Бајден рече дека американските инвестиции во овој регион и натаму ќе го поттикнуваат нејзиниот раст, особено ако поделените политичари во Белфаст го решат конфликтот што ја запре работата на регионалната влада.

„Едноставната вистина е дека мирот и економскиот просперитет одат рака под рака“, рече Бајден, посочувајќи дека економијата на Северна Ирска ги удвоила своите резултати по потпишувањето на мировниот договор во април 1998 година, точно пред четвртина век.

Бајден предвиде дека бруто домашниот производ на Северна Ирска ќе се зголеми повеќе од тројно „ако работите продолжат да се движат во вистинската насока“ и додаде дека светлата иднина е „само почеток“.

„Вашата историја е наша историја“, рече американскиот претседател, кој има британско и ирско потекло. „И уште поважно, вашата иднина е иднината на Америка.

Инаку Северна Ирска нема влада бидејќи Демократската унионистичка партија, која е половина од владата во регионалниот парламент во Стормонт, ја напушти власта во знак на протест поради трговскиот спор меѓу Европската Унија и Велика Британија што настана како резултат на Брегзит.

Основата на мировниот договор, потпишан додека Велика Британија беше дел од Европската Унија, е слободното преминување на границата меѓу Република Ирска и Северна Ирска. Со Брегзит се појавија проблеми со царинската контрола.

Бајден ги повика двете страни да се вратат на работа бидејќи судбината на Северна Ирска е во нивни раце, а „на демократијата и се потребни шампиони“.

Премиерот на Велика Британија Риши Сунак, со кого Бајден утрово пиеше чај, по обраќањето на Бајден рече дека имале „многу добар разговор“ за инвестирање во Северна Ирска и за серија меѓународни прашања.

„Ние сме многу блиски партнери и сојузници. Соработуваме за различни прашања“, рече Сунак.

Откако Сунак стана премиер, Британија и Европската Унија во февруари конечно постигнаа договор за трговијата, што САД го поздравија, но ирската Демократска унионистичка партија верува дека договорот сè уште остава некои прашања нерешени и одби да се врати во владата на Северна Ирска .

Пред да и се обрати на јавноста, Бајден се сретна со претставници на петте партии кои имаат претставници во регионалниот парламент во Стормонт. ссм/

фото: ДПА

Остани поврзан