• среда, 27 ноември 2024

Бачовски: Да создадеме здрави навики од најмала возраст и да ги научиме децата дека тоа што го јадат е произведено дома

Бачовски: Да создадеме здрави навики од најмала возраст и да ги научиме децата дека тоа што го јадат е произведено дома

Скопје, 24 јули 2023 (МИА) - Да создадеме здрави навики од најмала возраст и да ги научиме децата дека во земјава може да се произведе квалитетно овошје, е еден од нашите приоритети, рече денеска директорот на Платежната агенција Никица Бачовски.

Бачовски заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски утрово ја посети градинката „Орце Николов“ во Скопје. Бачовски, Николовски и Јакимовски најпрво на децата им доделија праски за ужинка, а потоа, заедно со нив, учествуваа во креативните работилници на кои се подготвуваат разни производи од овошје.

Посетата на градинката беше дел од кампањата „Здрав оброк за секое дете“ која почна минатата денела.

-Кампањата почна минатата недела со доставување кајсии во градинките. Ова е втора недела, продолжуваме со делење овошје за секое дете. Неделава ќе се дистрибуираат праски, а наредните недели ќе продолжиме со слива, круша и јаболка. Се работи за македонско овошје прва класа, откупено од домашни производители и строго контролирано од Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот инспекторат за земјоделство, изјави Бачовски.

Според него, планот е да се откупат повеќе од 880 000 килограми овошје кое ќе биде дистрибуирано до градинките.

-Кампањата е дел од Програмата што почна лани со цел создавање здрави навики од најмала возраст, а опфатени беа сите основни училишта. Се доделуваа македонски јаболка, главно од Преспа. Годинава одлучивме да се оди во градинките и да се дистрибуираат различни видови овошје. Децата треба знаат дека можеме да произведеме вкусно овошје и дека тоа што го јадат потекнува од нивната земја, потенцира Бачовски.

Програматa минатата година беше проектирана на 20 милиони денари, а годинава средствата се двојно зголемени и изнесуваат вкупно 40 милиони денари. мч/нд/

 

Остани поврзан