Басистот на „Смитс“, Енди Рурк почина на 59 години
- Во Твитер-објавата на Мар утрово се вели дека Енди починал по долго боледување од рак на панкреасот.
Манчестер, 19 мај 2023 (МИА) - Басистот на поп-рок составот „Смитс“, Енди Рурк почина на 59-годишна возраст, соошпти неговиот поранешен колега од бендот, гитаристот Џони Мар. Во Твитер-објавата на Мар утрово се вели дека Енди починал по долго боледување од рак на панкреасот.
„Енди ќе биде запаметен како љубезна и убава душа од оние кои го познаваа и како врвно надарен музичар од љубителите на музиката. Бараме приватност во овој тажен миг“, додаде Мар.
Со првичната постава, составена од Рурк, тапанарот Мајк Џојс, Мар и пејачот Стивен Морисеј, „Смитс“ во жанровите рок, поп и панк, имаа низа хитови во 1980-тите, како што се „Heaven Knows I'm Miserable Now“ и „Girlfriend In а Coma“. Меѓу попознатите нивни албуми се „The Smiths“ и „Meat is Murder“. Имаат и три топ-10 хитови.
Бендот, инаку, престана да постои во 1987 година. Распаѓањето на четворката од Манчестер беше едно од најспектакуларните во музичкиот свет во Обединетото Кралство, по што во 1989 година Џојс и Рурк ги одведоа Морисеј и Мар на суд поради хонорарите. си/сд/
Фото: Јутјуб, Википедија.