• сабота, 23 ноември 2024

„Барби“ го слави својот 65. роденден

„Барби“ го слави својот 65. роденден

Лондон, 5 јyли 2024 (МИА) - Оваа недела во Лондон се отвора нова изложба со поглед на развојот на брендот „Барби“. Повод: Познатата кукла на компанијата „Мател“ оваа година го слави својот 65. роденден.

Изложбата што ќе биде отворена во Музејот за дизајн во британската престолнина, ќе трае од утре - 5 јули до 23 февруари вгодина. Таа содржи повеќе од 250 предмети од светот на „Барби“, вклучувајќи и низа кукли кои ја прикажуваат нејзината еволуција во изгледот, дизајнерски скици и домови како „од соништата“. Ќе биде изложена и првата „Барбика“ од 1959 година со руса коса, фризура типична за 50-тите и во црно-бел костим за капење, заедно со подоцнежните модели во разни стилови, раси, трендови и со различни професии, фризури итн.

- Се надевам дека без разлика дали сте обожавател на „Барби“ или скептик за „Барби“, ќе излезете од изложбата со благодарност за деталното истражување и дизајнерската мисла што се вметнати во создавањето на куклите, рече кустосот Даниел Том.

Изложбата по поводот 65-годишнината на брендот го следи и успехот на минатогодишниот филм „Барби“ со Маргот Роби во главната улога, којшто заработи 1,4 милијарди долари на светско ниво.

- Одекот на „Барби“ брендот и културата никогаш не бил поголем, се надоврза Ким Кулмон, виша потпретседателка за дизајн во „Мател“.

Меѓу другите ретки „први изданија“ се црнокожата „Барбика“ и „Барби“ во ортопедска количка. Ќе бидат, секако, и „Барбиките“ - полицаец, научник, доктор и „претседателката Барби“, а еден дел е посветен на додворувачот на најпознатата кукла на светот - машката кукла „Кен“, којашто првпат беше дизајниран во 1961 година.  си/

Фото: Музејот за дизајн во Лондон

Остани поврзан