Барак: Хезболах сè уште има илјадници ракети и проектили во јужен Либан
- „Тие се обидуваат, но се диносауруси“, рече Барак, осврнувајќи се на напорите на либанските лидери да го разоружаат Хезболах, кој е поддржан од Иран, објавува „Тајмс оф Израел“.
Манама, 1 ноември 2025 (МИА) - Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Сирија, Том Барак, денеска изјави дека Израел продолжува да извршува напади врз јужен Либан бидејќи милитантното движење Хезболах сè уште поседува „илјадници ракети и проектили што му се закануваат“.
„Тие се обидуваат, но се диносауруси“, рече Барак, осврнувајќи се на напорите на либанските лидери да го разоружаат Хезболах, кој е поддржан од Иран, објавува „Тајмс оф Израел“.
Зборувајќи за врските меѓу Израел и Либан, Барак на маргините на безбедносната конференција во Бахреин рече дека Израел е „подготвен да склучи гранични договори со сите свои соседи и ѝ должи услуга на Америка“, наведувајќи ги нападите на САД врз нуклеарната програма на Иран, за кои процени дека доведоа до „неверојатно преобликување на регионот“.
Барак, кој е и амбасадор на САД во Турција, рече дека и покрај непријателските односи меѓу Анкара и Тел Авив, двете земји наскоро би можеле да постигнат трговски договор.
„Турција и Израел нема да војуваат едни против други. Ќе добиете усогласување од Каспиското до Средоземното Море“, истакна Барак.
Тој исто така изјави дека се очекува посетата на сирискиот претседател Ахмед ал-Шара на Вашингтон, како и дека се надева дека за време на посетата Сирија ќе се приклучи на коалицијата предводена од САД со цел да се победи Исламската држава.
Според него, „од падот на Отоманската империја, сè што Западот направил (на Блискиот Исток) било грешка“.
„Она што функционира се добронамерните монархии“, рече Том Барак.сд/
фото:МИА архива