• вторник, 24 декември 2024

Балучките милитанти нападнаа полициска станица во југоисточен Иран и убија 11 полицајци

Балучките милитанти нападнаа полициска станица во југоисточен Иран и убија 11 полицајци

Техеран, 15 декември 2023 (МИА) - Балучките милитанти рано утринава нападнаа полициска станица во југоисточниот дел на Иран, при што убиле 11 припадници на безбедносните сили и раниле неколку други, јави државната телевизија.

Државните медиуми додаваат дека неколку членови на милитантната група Џаиш ал Адл, исто така, биле убиени во судирите што следеле во градот Раск во сиромашната провинција Систан и Балучистан.

Провинцијата, која се граничи со Авганистан и Пакистан, има претежно сунитско муслиманско население, за разлика од повеќето Иранци, кои се шиити.

Балучистан долго време е место на чести судири меѓу безбедносните сили и сунитските милитанти, како и шверцерите на дрога.

Милитантната група Џаиш ал Адл, која вели дека бара поголеми права и подобри услови за живот за етничкото малцинство Балучи, ја презеде одговорноста за неколку напади во последниве години врз иранските безбедносни сили во провинцијата.сд/

Фото.МИА архива

Остани поврзан