• петок, 23 јануари 2026

Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ во Националната опера и балет

Балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“ во Националната опера и балет

Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - На сцената на Националната опера и балет вечер ќе биде изведен балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.

Како што наведува Националната опера и балет, балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, како и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.

Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19. век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.

Во главната улога на Ема Бовари настапува Марија Кичевска Шокаровска, со Франциско Хименез Руиз како Шарл Бовари и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже. Настапуваат и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет.

Според Националната опера и балет, „Госпоѓа Бовари“ ја претставува сложената психологија на главниот лик преку балет, музика и сценска уметност. Со внимателно избрани музички партитури и динамична кореографија, постановката ја доловува борбата на Ема Бовари меѓу личните желби и општествените ограничувања. Секоја сцена е внимателно дизајнирана да ја истакне емоционалната длабочина, визуелниот сјај и современиот пристап кон класичната приказна, создавајќи незаборавно сценско искуство. мч/вг/

фото: Национална опера и балет

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан