• вторник, 31 март 2026

Багеи: Американските предлози се нереални, нелегални и претерани

Багеи: Американските предлози се нереални, нелегални и претерани

Техеран, 30 март 2026 ( МИА) - Иран преку посредници добил пораки кои укажуваат на подготвеноста на САД, но американските предлози се „нереални, нелегални и прекумерни“, изјави денеска портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи.

„Нашиот став е јасен. Изложени сме на воена агресија. Затоа сите наши напори и сили се фокусирани на самоодбраната“, рече Багеи на прес-конференција, пренесе „Тасним“.

Според неговите зборови, Иран никогаш не водел директни преговори со САД, туку, наместо тоа, преговарал преку посредници.

Тој истакна дека Иран отсекогаш ја знаел рамката што ја бара и додаде дека состаноците во Пакистан се одржале во рамката што самиот Пакистан ја воспоставил и дека Иран не учествувал во нив.

„Иако е позитивно што земјите во регионот се заинтересирани за завршување на војната, агресорот мора да се препознае и не треба да се очекува од Иран еднострано да покаже воздржаност. Иран е нападнат, а не иницијаторот“, рече тој.

Зборувајќи за тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека Иран се согласил со американските предлози, Багеи рече дека американските претставници кажуваат што сакаат, но Иран немал никакви преговори со САД.

„Ставот на Иран е јасен - додека агресијата продолжува, иранските напори остануваат фокусирани на самоодбраната“, рече тој.

Шефовите на дипломатиите на Пакистан, Саудиска Арабија, Турција и на Египет, односно земјите посредници меѓу САД и Иран, вчера се состанаа за консултации во Исламабад по што пакистанскиот министер за надворешни работи, Ишак Дар, соопшти дека „дијалогот и дипломатијата“ остануваат единствените одржливи решенија за кризата во Персискиот Залив.

Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека преговорите со Иран „одат многу добро“ истакнувајќи дека Иран дозволи 10 танкери за нафта под пакистанското знаме да поминат низ Ормуската Теснина како „подарок“ за Белата куќа, а тој број сега двојно се зголеми, на 20.сд/ми/

Фото: МИА архива

Остани поврзан