• петок, 08 ноември 2024

А5- Конференција: Медиумската писменост ја јакне демократската отпорност на општеството од штетни влијанија

А5- Конференција: Медиумската писменост ја јакне демократската отпорност на општеството од штетни влијанија

Скопје, 19 мај 2023 (МИА) - Медиумската писменост ја јакне демократската отпорност на општеството од малигни влијанија, беше посочено на денешната Конференција за стратешки комуникации „Медиумска писменост и справување со дезинформации – подготвеност на институциите за заштита од хибридните влијанија“ организирана од Министерството за надворешни работи во соработка со Амбасадата на САД во земјава во рамки на претседавањето на Северна Македонија со САД-Јадранската Повелба.  

Како што соопшти МНР, конференцијата почнa со воведни обраќања на државниот секретар во министерството за надворешни работи, Филип Тосевски и Аугуста Филибин од Амбасадата на САД во Скопје. На Конференцијата во рамки на три тематски сесии, со учество на реномираниот американски експерт Енди Карвин, претставник од НАТО Одделот за јавна дипломатија, како и бројни реномирани домашни експерти, претставниците на земјите членки и набљудувачи на САД- Јадранската Повелба, медиумските организации и граѓанското општество дебатираа и разменуваа мислења и најдобри практики за справување со хибридните закани и дезинформациите.

-Притоа беше особено нагласено значењето на медиумската писменост како една од алатките која низ образовниот систем придонесува кон изградба на едно општество со граѓани кои се способни критички да размислуваат, да ги анализираат и проценуваат информациите што им се сервираат и на тој начин да ја зајакнат демократската отпорност на општеството кон различни малигни влијанија, стои во соопштението.

Министерството за надворешни работи, се додава, ќе продолжи со активности за подигање на свесност за постоењето на опасноста, но истовремено искажува и спремност и стремеж за справување со сите предизвици што произлегуваат од хибридните закани.

Северна Македонија во јануари 2023 година го презема претседавањето со САД - Јадранската повелба, во година кога се одбележува дваесет годишнината од нејзиното потпишување. вг/нд/

Фото: МНР

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан