А1 Македонија со нови можности за корисниците на Net Sef и Combo пакетот
- Мобилниот оператор А1 денеска ги претстави новите можности што им стојат на располагање на корисниците. Отсега, корисниците имаат можност зачуваниот интернет од услугата А1 Net Sef да го разменуваат за услуги согласно со нивните потреби, односно за буџет за нов уред, роаминг или за стриминг услуги и тоа бесплатно засекогаш.
Скопје, 4 септември 2025 (МИА) - Мобилниот оператор А1 денеска ги претстави новите можности што им стојат на располагање на корисниците. Отсега, корисниците на мобилната телефонија имаат можност зачуваниот интернет од услугата А1 Net Sef да го разменуваат за услуги согласно со нивните потреби, односно за буџет за нов уред, роаминг или за стриминг услуги и тоа бесплатно засекогаш, а корисниците на А1 Алфа, кои се дел од A1 Combo пакет, добиваат зголемени Combo попусти кои растат со бројот на линии кои се вклучени во пакетот.
- Со унапредената понуда поставуваме нов стандард за персонализација, флексибилност и контрола, овозможувајќи им на корисниците да го креираат своето дигитално искуство без ограничувања. Ова е стратешки чекор кон поврзана, поедноставна и побогата комуникација за сите. Досега, А1 Македонија ги потврди своите амбиции со континуирани инвестиции во врвни технологии, прва воведе 5G мрежа во земјата и развивме решенија што ги менуваат навиките на корисниците. Нашата посветеност е да бидеме први во донесувањето иновации што го трансформираат начинот на комуникација и забавата, и тоа ќе продолжиме да го правиме, истакна Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија на денешната прес-конференција.
Новите функционалности на A1 Combo, како што беше посочено, се дизајнирани да одговорат на секојдневните интереси и очекувања на современиот корисник. Секој има можност сам да избере која стриминг услуга ќе биде дел од неговиот пакет и да избере Netflix, HBO Max, SkyShowtime или Gley, а ќе може да ја менува таа услуга секој месец, во согласност со актуелните содржини достапни на секоја од платформите.
- Со новата понуда А1 оди чекор понатаму претворајќи се во вистинска платформа за поддршка на очекувањата на корисниците во дигиталното време. Централно место имаат персонализацијата, каде секој корисник може да си ја прилагоди понудата на своите потреби и очекувања, како и лојалноста на корисниците која со новото портфолио доаѓа во фокус, бидејќи бенефитите кои ги добиваат корисниците континуирано растат. Сето тоа е овозможено преку комплетно дигитално искуство во рамки на мобилната апликација Мојот А1 достапна бесплатно за сите А1 корисници, нагласи директорката на маркетинг и дигитална трансформација Елена Панова.
А1 Македонија годинава одбележува шест години од воведувањето на брендот. бак/сст/
Фото: А1