• петок, 05 декември 2025

Ајдари: Предлог-буџетот за 2026 година не е развоен, туку буџет на стагнација, клиентелизам и долг

Ајдари: Предлог-буџетот за 2026 година не е развоен, туку буџет на стагнација, клиентелизам и долг

Скопје, 24 ноември 2025 (МИА) - Координаторката на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Рина Ајдари на денешната прес-конференција нагласи дека Предлог-буџетот за 2026 година не е развоен, туку, како што рече, буџет на стагнација, клиентелизам и долг.

-Нашата парламентарна група „Европски фронт“ денеска јасно и недвосмислено го соопштува својот став во однос на предлог-буџетот за 2026 година, кој во неговата сегашна форма претставува најслаб, најнеодговорен и политички најмотивиран буџет што земјата го има видено во последниве години. Ова не е развоен буџет, туку клиентелистички буџет изграден за да ја храни партиската администрација и да одржи во живот власт која ја изгубила секоја економска институционална смисла. Наместо визија за иднината, Владата претстави финансиски документ без стратегија, без реформи и без одговорност кој само ги продлабочува постојните кризи, го зголемува јавниот долг и ја загрозува маркоекономската стабилност на државата. Овој буџет е симбол на недостиг од насока, од недостиг на фискална дисциплина, од недостиг на политичко дејствување, достоинство во владеење, рече таа. 

Дополнително, според Ајдари, Европската унија веќе го потврди целосниот неуспех на оваа Влада во многу области, вклучително и во јавните финансии и економскиот развој.

-Во Извештајот за напредокот за 2025 година, Европската комисија јасно истакнува - Владата нема направено напредок во клучните реформи, го одложи фискалното консолидирање и го одложи целосното спроведување на органскиот Закон за буџети првично планирано за 2025 година. Ова е официјална оценка на Европската комисија и најјасниот доказ дека ниту Брисел повеќе не и верува на оваа Влада во управувањето со јавните финансии и во фискалните политики. Со други зборови, наместо дијалог со Брисел, оваа Влада избра пропаганда, наместо дисциплина избра задолжување, наместо реформи избра партиски интерес.  Затоа, го сметаме овој буџет за наштетен, најнереформски и политички најмотивиран во поновата историја на земјата. Предлог-буџетот за 2026 година е најјасното огледало на неспособноста и популизмот на оваа Влада, рече таа. 

Ајдари истакна дека овој буџет троши милиони за плати и привилегии на партиските апарати, додека реалната економија останува без поддршка и без инвестиции.

-Го носи јавниот долг над 60 проценти од БДП, претворајќи ја државата во хроничен должник. Го крши Законот за буџети, пречекорувајќи ја границата на дефицитот од 3 проценти што самата власт го поддржала и усвоила. Сега во моментот се планира да биде 3,5 проценти. Го намалува програмскиот развоен пакет од 11 милијарди на само 8 милијарди денари, парализирајќи го развојот на инфраструктурата, образованието и производната економија. Ова не е развоен буџет, туку буџет на стагнација, клиентелизам и долг. Наместо да создаде услови за нови инвестиции и отворање работни места и модернизација на економијата, овој буџет одржува во живот Влада што владее за себе а не за граѓаните. Во овој буџет е целосно избришана Програмата за соодветна и правична застапеност, која не е само законска обврска, туку уставна норма и темел на Охридскиот рамковен договор, документот што обезбеди мир и стабилност, еднаквост во оваа држава.  Сега веќе нема финансиски средства за вработување што би ја поддржиле правичната застапеност на Албанците и другите заедници што беше и очекувано по одлуката на Уставниот суд за укинување на балансерот. Ова само потврдува дека оваа Влада дека наместо да го спроведува Охридскиот договор, ги подрива сите негови принципи, рече Ајдари.

Од „Европскиот фронт“ побараа итна корекција на овој буџет и вградување на амандмани што, како што рече, гарантираат праведност, развој и еднаквост на сите граѓани во земјата.

-Ова не е техничка грешка, туку политичка стратегија за казнување на албанските региони и исклучување на инвестициите што носат реален развој. Актуелната Влада го користи буџетот како инструмент за политичка одмазда и централизација претворајќи ја државата во механизам на неправда и регионална нееднаквост. Бараме итна корекција на овој буџет и вградување на амандмани што гарантираат праведност, развој и еднаквост на сите граѓани во земјата. Ние не бараме политички интервенции. Бараме буџет со визија, правда и национална одговорност, посочи таа.

Ајдари истакна дека „Европскиот фронт“ за Предлог-буџетот има поднесено 97 амандмани кои, како што рече, се јасни и конкретни.

-Некои од нив се за зголемување на средствата за Коридорот 8 и 10д на 15 милијарди денари за континуитет во изградбата на овие стратешки национални и евроатлански проекти кои ја поврзуваат земјата со економската и инфраструктурната мрежа на Европа. Триста милиони денари за изградба на Комплексот на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје како симбол на квалитетно образование и национално достоинство, а не потсмевање со финансии кои доколку останат на оваа ниво ќе го развлекуваат проектот со децении. Двеста и педесет милиони денари за враќање на програмата за соодветна и правична застапеност како гаранција за почитување на Охридскиот рамковен договор и уставните принципи на еднаквост. Шеесет милиони денари за завршување на болницата во Кичево, која е клучна за здравствената грижа на целиот регион. Триста милиони денари за Универзитетската клиника во Тетово, за модернизација на здравствениот систем и создавање услови за квалитетен и достоинствен третман, рече таа.

Како што нагласи, овие барања не се политички, ниту партиски, туку барања на буџетска праведност, регионален развој и европска интеграција. Упати повик до Владата да престане со импровизации и да постапува одговорно.

-Сакаме да ја информираме јавноста дека Коалицијата ВРЕДИ ги повлече сите амандмани без никакво објаснување од дискусијата во Комисијата за финансирање и буџет, која продолжува деновиве. Ова докажува дека немаат политичка моќ да ги поминуваат истите, покажуваат неодговорност кон работата во Собранието и секојдневно докажуваат дека не се тука за да ги заштитат интересите на граѓаните. Владата треба да посвети на целосно спроведување на органскиот Закон за буџети и јасно поставување на фискалните граници од законот. Во време кога земјите од регионот се движат кон модернизација, оваа Влада избра да оди по спротивна насока – повеќе долгови, помалку инвестиции, повеќе политика, помалку економија. Затоа, нема да поддржиме буџет што не им служи на граѓаните, на економијата и на европската интеграција. Ние ќе стоиме со граѓаните, со општините и со иднината, затоа што само правичен развоен и европски буџет може да ја подвижи земјата напред, изјави Ајдари.

Околу поднесената Иницијатива за формирање Анкетна комисија за утврдување на околностите во постапувањето на институциите за трагедиите и несреќите во земјата од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ, Ајдари истакна дека нивниот став е дека поддржуваат секаква иницијатива која ги опфаќа сите несреќи.

-Ќе видиме, бидејќи јас за оваа од вас се информирам денеска. Ќе видиме. Ќе дискутираме. Но, ние секогаш  сме за иницијатива која ќе ги опфаќа сите несреќи досега, рече таа.

Во однос на реформските закони дали Европски фронт ќе обезбеди бадентерово мнозинство или ќе имаат барања, Ајадари нагласи дека за овие премногу сериозни и клучни прашања за државата, ќе треба политички консензус и дијалог на ниво на политичките партии и од експерти од сферите. фф/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан