Ашаданов пред стартот на евроквалификациите: Примарна цел е да почнеме со победа
- Македонската женска кошаркарска репрезентација вечерва во некомплетен состав ги почна подготовките за настап во квалификациите за пласман на Европското првенство, кои избраничките на селекторот Александар Ашаданов ќе ги стартуваат в среда против Данска во Скопје.
Скопје, 10 ноември 2025 (МИА) – Македонската женска кошаркарска репрезентација вечерва во некомплетен состав ги почна подготовките за настап во квалификациите за пласман на Европското првенство, кои избраничките на селекторот Александар Ашаданов ќе ги стартуваат в среда против Данска во Скопје.
Доцното завршување на клупските обврски во Италија услови првиот тренинг да го пропуштат Матеа Николиќ и Тијана Митрева, кои ќе се приклучат на утрешниот утрински тренинг, а поради повреда и приватни обврски, во ноемврискиот циклус Ашаданов не може да смета на најискусните, двоецот од екипата на Баскет Кам - Ивана Кметовска и Цветанка Димова.
Македонските кошаркари ќе играат во групата Ф во која се и репрезентациите на Грција и Хрватска.
„Нè очекуваат доста тешки натпревари со екипите на Данска, Грција и Хрватска. Но да одиме чекор по чекор. Најпрво, следува натпревар в среда, со репрезентацијата на Данска на домашен терен. Играме против репрезентација која играше доста добро во претходните квалификации. Но нашата примарна цел е овој циклус да го отвориме со победа“, изјави селекторот Ашаданов пред почетокот на новата квалификациска сесија.
По воведниот дуел против Данска, в среда со почеток во 17 часот во СРЦ „Кале“, избраничките на Ашаданов в сабота ја пречекуваат Грција, а ноемврискиот циклус ќе го заокружат со дуел на гостински терен против Хрватска, во вторник во Славонски Брод. ег
ФОТО: КФСМ