• вторник, 24 декември 2024

Ахмети оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај

Ахмети оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај

Скопје, 11 јануари 2023 (МИА) – Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети, придружуван од првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, генералниот секретар на ДУИ Фатон Ахмети и шефот на пратеничката група и потпретседател на ДУИ Арбр Адеми денеска во Тирана остварија средба со претседателот на Република Албанија Бајрам Бегај.

– Билатералните односи се оценети како традиционално добри кои придонесуваат за продлабочување на соработката, нагласувајќи го фактот дека меѓу двете земји нема отворени спорови, па оттука и императивот соработката да продолжи на сите полиња, стои во соопштението од ДУИ.

На средбата, како што се наведува, била истакната досегашната висока соработка, поддршката и посветеноста во процесот на евроинтеграциите, како земји кои чекорат по истиот пат. Се разговарало за состојбата на северот на Косово и непосредната потреба од, како што се наведува, постигнување мировен договор со заемно признавање меѓу двете земји со цел стабилност на Балканот.

Ахмети го информирал претседателот Бегај за ратификацијата на Договорот меѓу двете влади за воспоставување заеднички гранични премини според концептот на заеднички гранични проверки „Едношалтерски систем“, нагласувајќи дека овој проект мора брзо да почне со реализација за забрзување и поедноставување на движење на луѓето и стоките.-На средбата се разговараше и за важни проекти како што е Коридорот 8, кој е опишан како патен и железнички јазол кој започнува од пристаништата во Бугарија, поминува низ Северна Македонија и Република Албанија и завршува во Бриндизи, Италија. Ахмети и Бегај истовремено го поздравија вклучувањето на овој проект во главната европска TEN-T мрежа, бидејќи отвора нови можности за финансирање на нови железници, пристаништа и патишта, се вели во соопштението.

Од ДУИ посочуваат дека се дискутирало за проектите меѓу двете земји, за пристаништето Драч и сувото пристаниште во Струга, што е дел од Договорот за соработка меѓу двете влади за развој на инфраструктурни проекти, логистичка безбедност и ефикасност на транспортот на стоки. Додаваат дека тоа е инвестиција, која претставува иновативна и модерна димензија и ги надминува димензиите на национален проект за развој на Западен Балкан. мд/аа/

 

Остани поврзан