Ахмед ал Шара првпат пред Генералното собрание на ОН: Народот триумфираше против тиранијата за иднината на децата
- Неговото присуство на Генералното собрание на ОН претставува прво учество на сириски државен лидер на форумот од 1967 година.
Њујорк, 24 септември 2025 (МИА) - Сирискиот лидер Ахмед ал Шара денеска за првпат се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, со говор целосно посветен на состојбата во неговата земја, промената на власта и 14-годишната граѓанска војна во Сирија.
– Сириската историја е историја што буди емоции, во која болката се преплетува со надежта, изјави Ал Шара. - Нашата историја е поука извлечена од историјата, вистинско огледало на благородните човечки вредности, рече сирискиот лидер.
Тој зборуваше за тешкиот период под власта на поранешниот лидер Башар ал Асад, за транзицијата и смената на власта.
– Нашиот народ трпеше угнетување, тиранија и лишувања долги години, сѐ додека не се крена за да побара слобода и достоинство – само за да биде пречекан со убиства, измачувања, палења, силувања и прогонства, нагласи Аш Шараа.
Тој ја опиша големата воена операција што доведе до падот на режимот на Асад како „операција исполнета со милост, добрина, простување и помирување“.
– Триумфиравме за сите вас, за целиот свет. Триумфиравме за иднината на нашите и вашите деца, рече сирискиот лидер.
Ал Шараа додаде дека оваа победа ја претворила Сирија во „историска можност за мир, стабилност и просперитет за себе и за целиот регион“.
Тој потсети дека Сирија ѝ дала на ОН дозвола за спроведување на независни истраги, кои довеле до „невидени транспарентни заклучоци во нашата историја“.
– Сириската историја не е завршена. Таа пишува ново поглавје со наслов: мир, просперитет и развој, заклучи Ал Шара.
Ал Шара, кој во декември го предводеше бунтот против режимот на Башар Асад и ја презеде власта, се стреми кон повторна интеграција на Сирија во меѓународната заедница. Неговото присуство на Генералното собрание на ОН претставува прво учество на сириски државен лидер на форумот од 1967 година.
Во Сирија е најавено формирање на преодно законодавно собрание како нов чекор по падот на режимот, а на 5 октомври ќе се одржат првите избори по повеќе од четири децении авторитарно владеење на семејството Асад и по една деценија брутална граѓанска војна.
Претходно, Ал Шара побара од САД да ги укинат санкциите против Сирија, познати како „Законот Цезар“. ссм/
фото: ЕПА