• вторник, 24 декември 2024

АфД може да ги освои првите две покраини на денешните избори во Источна Германија

АфД може да ги освои првите две покраини на денешните избори во Источна Германија

Берлин, 1 септември 2024 (МИА) - Германците денеска излегуваат на гласање во две источни покраини, при што екстремно десничарската АфД е на пат за првпат да победи на покраински избори, а коалицијата на канцеларот Олаф Шолц ќе претрпи пораз само една година пред федералните избори.

Според анкетите, Алтернатива за Германија води на изборите во Тирингија со 30 отсто поддршка, а е рамо до рамо со конзервативците во Саксонија со 30-32 отсто.

Победата на АфД би означила првпат една екстремно десничарската партија да освои најмногу места во државниот парламент од Втората светска војна.

Партијата која беше формирана пред 11 години веројатно нема да може да формира влада дури и ако постигне релативно мнозинство, бидејќи другите партии во двете сојузни држави одбиваат да соработуваат со неа.

Но, силните резултати за АфД и друга популистичка партија, новооснованата алијанса Сара Вагенкнехт (БСВ), именувана по нејзината основачка, поранешна комунистка, ќе го комплицираат формирањето коалиција.

Двете партии се антимиграциски, евроскептични, пријателски настроени кон Русија и се особено силни во поранешниот комунистички исток на земјата, каде што загриженоста во врска со кризата со трошоците за живот, војната во Украина и имиграцијата е длабока.

Смртоносниот напад со нож во Солинген од пред 10 дена, поврзан со Исламска држава, особено предизвика загриженост за имиграцијата и критики за справувањето со ова прашање од страна на владата.

-Нашите слободи се сè поограничени затоа што луѓето кои не се вклопуваат се пуштаат во земјата, рече лидерот на АфД во Тирингија, Бјорн Хоке, на настан во четвртокот во Нордхаузен.

Поранешниот професор по историја е поларизирачка личност која го нарече споменикот на Холокаустот во Берлин „споменик на срамот“ и беше осуден на почетокот на оваа година за употреба на нацистички слоган на партиски митинг.

Сите три партии во сојузната коалиција на Шолц ќе изгубат на денешните избори, а Зелените и либералните Слободни демократи веројатно ќе се борат да го достигнат прагот од пет проценти за влез во парламентот.

Незадоволството од федералната влада делумно произлегува од фактот дека таа е идеолошки хетерогена коалиција опфатена со внатрешни борби.

Случувањата на истокот само ќе ги зголемат тензиите во Берлин, велат аналитичарите.

-Овие државни избори... имаат потенцијал да предизвикаат пресврт во Берлин, рече Вагенкнехт на предизборниот митинг во Ерфурт, главниот град на Тирингија, во четвртокот.

Политичките аналитичари велат дека коалицијата на Шолц најверојатно нема да се распадне пред следните федерални избори во септември 2025 година, бидејќи ниту еден од партнерите во моментов не очекува добар резултат.

БСВ, која се опишува себеси како социјално конзервативна и економски левичарска, бележи ѕвезден пораст од своето основање во јануари, што претставува особена закана за централно-левичарските социјалдемократи на Шолц.

Се очекува партијата денеска да освои меѓу 12 и 20 отсто од гласовите, што би можело да ја стави во позиција да влијае врз формирањето влади во двете германски покраини.

Нејзините надворешнополитички ставови би ја направиле неверојатен партнер за која било голема партија на национално ниво, но таа освојува гласови.

Заедно, АфД и БСВ се очекува да освојат околу 40 до 50 отсто од гласовите во двете држави, во споредба со поддршката од 23 до 27,5 отсто на национално ниво, што открива континуиран јаз меѓу истокот и западот на Германија повеќе од 30 години по повторното обединување.

Лојалноста кон традиционалните партии е помала на исток, додека скептицизмот кон германските демократски структури и афинитетот кон Русија се поголеми.

Намалувањето на економските разлики со Западот и неодамнешната серија од забележливи инвестиции од повеќе милијарди евра во сектори како што се производството на чипови и индустријата за електрични автомобили не успеаја да ги расположат локалното население.сд/

фото:ЕПА

Остани поврзан