• недела, 15 декември 2024

Асфалтиран локалниот пат во кривопаланечкото село Мождивњак

Асфалтиран локалниот пат во кривопаланечкото село Мождивњак

Крива Паланка, 28 мај 2024 (МИА) – Локалниот пат во село Мождивњак, кривопаланечко, во должина од 3 километри е целосно реконструиран и рехабилитиран. Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, при увид во финалните работи на терен рече дека жителите на Мождивњак добиваат нов асфалтен пат по половина век, со што е овозможена подобра и посигурна патна поврзаност.

Рехабилитацијата е извршена на постојниот пат, од клучката со магистралата А2 до м.в. Дубје.

- Жителите на Мождивњак од денес ќе чекорат по нов асфалтен пат. Денес го означуваме финишот на еден од многу значајните проекти што токму тука, во Мождивњак, е направен во периодот на мојот мандат. Инвестицијата е вредна 11 милиони денари, обезбедени од Министерство за локална самоуправа, со Програмата за развој на планските региони, преку Североисточен плански регион. Она што е посебно важно е дека сме силно посветена локална власт на подобрување на квалитетот на живот на сите граѓани. Со обновата на патот ставаме крај на проблемот на жителите на Мождивњак при транспорт и секојдневна сообраќајна комуникација со градот, рече Митовски.

Рече, во Мождивњак се испишува историја во областа на инфраструктурни вложувања.

-Само во мојот мандат, за две години, вложени се над 20 милиони денари: за патно поврзување, реконструкција на спортскиот терен преку АМС и со изградбата на фекална канализација, рече Митовски.

Најави дека во претстојниот период се планира проект за изградба на водоводен систем во селото, што ќе значи решавање на проблемот со питка вода за сите жители. ид/ир

 

Фото: МИА

Остани поврзан