Асфалтирана улица во Долна Бањица, Гостиварско
- Се надевам дека вака уредена ќе им помогне не само на граѓаните од овој дел, туку и други, бидејќи таа поврзува и други населби во овој дел на општината, рече градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани.
Гостивар, 16 март 2026 (МИА) – Заврши реконструкцијата на кракот од улицата која води од надолнината во Долна Бањица до црквата „Св. Петар и Павле“. Според градоначалникот на општина Гостивар, Ваљбон Лимани, кој денес беше на увид овој зафат значително ќе помогне во одвивањето на сообраќајот и движењето на граѓаните низ Долна Бањица.
- Конечно заврши реконструкцијата на улица на која тоа и беше неопходно. Години наназад оваа улица беше во многу лоша состојба и со оштетен коловоз. Се надевам дека вака уредена ќе им помогне не само на граѓаните од овој дел, туку и други, бидејќи таа поврзува и други населби во овој дел на општината, рече градоначалникот Лимани.
За реконструкцијата на потегот со должина од близу 300 метри, општината вложи околу три милиони денари.
Тој најави дека ќе се продолжи со други инфраструктурни проекти, со оглед на, како што посочи, подобрување на атмосферските прилики и овозможувањето на почеток на проекти во други населени места. Лимани средбата со локалните жители ја искористи за да поразговара и за други проблеми и потреби.
- Всушност се работи за инфраструктурни проекти. Разговаравме за интервенции на други помали улици во Долна Бањица. Разговаравме за динамиката кога ќе можеме да ги реализираме, но и за другите секојдневни проблеми за кои ние како општина можеме да им излеземе во пресрет, рече Лимани.згм/вј/
Фото: МИА