• сабота, 16 ноември 2024

„Астерфест“ почнува со Канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“

„Астерфест“ почнува со Канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“

Струмица, 30 јули 2024 (МИА)-Деветнаесеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, во знакот на авторскиот филм, ќе започне задутре во Амфитеатарот во Струмица, со проекција на Канскиот лауреат „Човекот кој не можеше да молчи“ во режија на Небојша Слијепчевиќ, соопштија организаторите.

Овој тринаесетминутен хрватски филм, со Горан Богдан во главната улога, неодамна освои „Златна палма“ за краток филм на Канскиот филмски фестивал. Дејството на филмот се случува на 27 февруари 1993 година во Штрпци, Босна и Херцеговина. Патнички воз на линијата Белград-Бар е запрен од паравоени сили во акција на етничко чистење. Додека ги извлекуваат невините цивили, само еден човек од 500 патници се осмелува да им се спротивстави. Ова е вистинска приказна за човекот кој не можел да молчи. Филмот е успешна копродукција меѓу Хрватска, Словенија и Бугарија и е во продукција на „Антиталент“ од Загреб, а зад него стојат имињата на продуцентите Катарина Прпиќ и Даниел Пек. Значајно е дека оваа награда авторот Слијепчевиќ му ја посветил на Тома Бузов, човекот кој го инспирирал за овој филм и чијашто приказна ја раскажал.

Лауреат на наградата „Астер“ на овогодишниот „Астерфест“ е македонскиот режисер и сценарист Антонио Митрикески, кој оваа престижна награда ја добива за неговата исклучителна филмска поетика и естетски вдахновениот и минуциозен филмски опус. Наградата на Митрикески ќе му биде доделена на самиот чин на отворањето на „Астерфест“.

Во првата натпреварувачка вечер, покрај „Човекот кој не можеше да молчи“, на програмата се уште дванаесет селектирани кратки филмови: „Гилгамеш“ на Шаќир Весели, „Астран“ на групата автори од „Исарт“, „Глувчевата куќичка“ на Тимон Ледер, „Луди и свесни“ (премиера) на Мануела Златкова, „Споменик“ на Сиџија Џенг и Џјашји Ву, „Малиот талкач“ на Каролина Томкова, „Полжавска приказна“ на Ели Воткинс и Хелен Грифитс, „Песок“ на Розе Торн и Матео Коста, „Сламеница кон иднината“ на Николас Нојхолд, „Оп, риба“ на Вибин Виџајан, „Шепкач“ на Младен Ѓукиќ и „Сржта“ на Оберт.

Македонскиот ликовен уметник Никола Пијанманов, кој е и член на овогодишното интернационално филмско жири на „Астерфест“, изработи уникатни статуетки што од оваа година ќе бидат официјални награди за лауреатите на „Астерфест“. Другиот член на жирито е Зејгам Азизов, британски филозоф и уметник кој моментално живее и работи во Лондон. Третиот член на жирито е Ганимет Сава, основачка и претседателка на Интернационалниот филмски фестивал „Уметност без граници“ во Приштина. Жирито ќе одлучува за најдобрите авторски кусометражни филмови во натпреварувачката програма, за „Златната“, „Сребрената“ и „Бронзената потковица“, за Гран при за најдобар краток филм, како и за специјалните плакети „Ацо Алексов“ за најдобар автор и „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио, во чест на овие двајца доајени на македонскиот филм.

Традиционалниот „Астер портрет“ ќе се одржи на 2 август (Тивериополска филмска беседа) за Митрикески, на кој ќе зборува критичарот Стојан Синадинов. Како своевидна филмска посвета на лауреатот, четвртата вечер, во Амфитеатарот во Струмица, за струмичката публика ќе има и специјална проекција на неговиот долгометражен игран филм „Преку езерото“, според сценарио на Ташко Георгиевски и Митрикески, со Никола Ристановски и Агњешка Вагнер во главните улоги.

Посебен настан за филмофилите ќе биде и промоцијата на книгата „Филмска објектологија“ на авторот Васил Михаил, на 3 август, која ќе ја промовираат Саша Станишиќ и Далибор Плечиќ. Авторот на книгата, преку практични и теоретски инструменти, аргументира и предлага воведување на нова подгранка на филмологијата која ќе се нарекува Филмска објектологија, а сценариото за краток игран филм „Кујна“ е основната појдовна точка од која се развива теоријата за објектот во филмски кадар.

Во чест на наградените, откако жирито официјално ќе ја соопшти својата одлука, на 3 август, пред вечерните проекции, ќе има и кратко претставување на ДВД-то „Македонски кратки играни филмови“ во издание на Кинотека на Македонија, по што ќе следуваат неколку култни филмови од ризницата на македонската кинематографија. Меѓу другото ќе се прикажат дигитално реставрираната верзија на „Црно семе“, во знак на пет години од смртта на Кирил Ценевски, како и наградуваниот краток игран филм „Со кренати раце“ на Митко Панов.

На четвртата вечер струмичката публика ќе има прилика да ја гледа раритетната копија на долгометражниот игран филм „Преку езерото“ на лауреатот Антонио Митрикески, како и краткиот филм „Лифт горе, лифт долу“ во режија на Душан Наумовски. Сите овие проекции се овозможени во соработка со Кинотека.

еветнаесеттото издание на „Астерфест“ во Струмица ќе се одвива под мотото „Кинореалност ’24“. Со разновидните вечерни проекции во Амфитеатарот и со придружните дневни настани, Фестивалот ќе трае до 5 август вечерта, кога ќе се прикажат наградените филмови од натпреварувачката програма.

„Астерфест филм фестивал“, во пресрет на јубилејната сезона, организира серија промотивни настани и авторски проекции, под насловот „Тивериополски филмски денови“, а ја обнови и едицијата книги „Словенски Орфеј“. Новитет е и востановувањето на Филмската школа на „Астерфест“, што ќе биде своевидно продлабочување на работилниците и мастер-класовите, но со светски едукациски модел на стекнувања искуства и вештини. Школата ќе биде раководена од врвни академски личности од светот на културата, филмот и драмските уметности. Покровител на Фестивалот е Општина Струмица. рт/вг/


Фото: „Астерфест“

Остани поврзан