• вторник, 24 декември 2024

Архитекти од Италија заинтересирани за изработка на ДУП за Расадник

Архитекти од Италија заинтересирани за изработка на ДУП за Расадник

Скопје, 2 април 2023 (МИА) - Триесет и пет студенти од Италија заедно со свои професори од Факултетот за архитектура „Политехнико од Торино, придружувани од заменик-амбасадорот на Италија во земјава Марио Де Роса, ја посетија Општина Кисела Вода. Заинтересирани за Меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадник, дојдоа лично да ја разгледаат оваа градска четврт и да се информираат за некои поединости околу конкурсот. 

-Како што информираше нивниот професор, Алесандро Армандо тие се студенти на четврта година, еден цел семестар ќе го обработуваат Расадник, па оваа посета има непроценливо значење за нив, како идни архитекти и можни апликанти на конкурсот. Секако, за конкурсот е заинтересирана и стручната јавност од Италија, наведуваат од Општина Кисела Вода.

На самиот почеток, гостите ги поздравил градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, им се заблагодарил за интересот и ја истакнал важноста на овој меѓународен конкурс за жителите на општината и нивните очекувања, оваа урбана заедница да добие лик кој ќе ја идентификува како хуман кварт за живеење.

- Распишаниот Меѓународен кокурс за идејно решение за градската четврт Расадник е еден од еклатантните примери за нашиот начин на работа, како ново раководство на Општина Кисела Вода. Со доследно почитување на законската рамка, во целосно транспарентен процес, со вклученост на жителите, со меѓународна жири комисија, го бараме идејниот лик за оваа градска четврт, која е сместена во централното јадро на Кисела Вода. Верувајќи дека ќе добиеме стручно естетско решение кое ќе ги задоволи потребите на нашите жители во еколошка, урбанистичка и хумана смисла, за оваа постапка побаравме и добивме поддршка од целата стручна заедница во Македонија, а се надевам дека интересот да се учествува ќе биде голем и кај меѓународната јавност, рече Ѓорѓиевски.

Тој истакна оти е важно овој процес да биде целосно ослободен од какви било влијанија, транспарентен и чист, и поради тоа, како што кажа, од самиот почеток до крај, решил да се изостави.

Во текот на дискусијата, додаваат од Општината, биле претставени потенцијалите на оваа градска четврт, програмските насоки кои треба да им бидат смерница на учесниците на Меѓународниот конкурс за изработка на идејното решение за Расадник, како што се постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина…

-Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП за Расадник, е поддржан и од УНДП. Оваа организација ќе даде стручна поддршка, ќе го промовира преку своите меѓународни канцеларии и ќе обезбеди поголема транспарентност преку вклучување на набљудувачи во целиот процес. Сево ова во рамките на проектот со кој ќе се одбележи јубилејот од катастрофалниот земјотрес во Скопје, се вели во соопштението.

Распишаниот Меѓународен конкурс за идејниот лик на Расадник e реобјавeн со неколку измени во насока на олеснување на  процесот за конкурирање. Не е поставен лимит за пристигнати трудови, студентите можат да конкурираат без проектантско биро, а конкурсните документи може да се испратат до општината преку електронски медиум (CD или USB).

-Општина Кисела Вода ги поканува сите заинтересирани стручни лица и студенти и од Македонија, но и од светот, да дојдат, или да пишат доколку имаат некакво прашање, стручните служби се тука да им помогнат, да им објаснат, се со цел да нема никави администативни бариери кои би можеле да попречат ако некој сака да учествува на овој Меѓународен конкурс кој е отворен до 03 јули 2023, наведуваат од Општината. мс/

Фото: Општина Кисела Вода

 

Остани поврзан