• понеделник, 23 декември 2024

Арсовска: Град Скопје како град на солидарноста продолжува да работи, да помага, да се гради

Арсовска: Град Скопје како град на солидарноста продолжува да работи, да помага, да се гради

Скопје, 26 јули 2023 (МИА) - Тоа што го знаеме од овие шест децении е дека Град Скопје, како град на солидарноста продолжува да работи, да помага, да се гради. Исто така продолжува да помага секаде онаму каде што тоа  е  неопходно и каде што тоа е потребно, поучени од искуствата коишто сме ги имале ние во тие најтешки моменти, рече градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, во изјава за медиумите, на одбележувањето на 60-годишнината од земјотресот во Скопје во 1963, што се одржа во Музејот на Град Скопје.

- Денеска имавме една навистина огромна посета од голем број на сограѓани од поранешните југословенски држави кои биле тука да помогнат за време на сите оние денови. Лица кои исто така се членови на нивните семејства кои се сеќаваат на овој навистина немил настан. Меѓутоа, она што е важно за нас, е таа солидарност да остане кај нашите сограѓани. Сите да се сеќаваат, да го пренесуваме тоа искуство на младите генерации, но исто така и да внимаваме во делот на урбанизмот, во делот на градежништвото, во делот на сето она коешто треба да го преземеме, за да нашиот град биде поубаво и поквалитетно место за живот, рече Арсовска.

Повика „да не се дозволи повеќе да имаме можности да се наруши безбедноста и сигурноста на нашите скопјани односно да направиме се што е во наша моќ, во наредните години градот Скопје да се развива рамномерно, да се развива квалитетно и да овозможи посигурен побезбеден и поквалитетен живот за сит нас“.

Постојаниот претставник на УНДП во земјава, Армен Григоријан, во своето обраќање истакна дека Скопје е премногу спомнат како град на солидарноста, односно како епицентар на солидарноста.

Додека, заменик министерот за култура, Даим Ључи, истакна дека покрај тоа што и денес може да се видат последиците од земјотресот, траорниот настан означи почеток на еден нов развој, почеток на нова урбанизација, почеток на ново видување за иднината на економскиот и административниот центар на државата.

- Денес од нашето вечно Скопје, до светот, заеднички ќе ја испратиме универзалната порака за солидарност, љубов и разбирање меѓу народите, затоа што само така, себеси можеме да се наречеме луѓе и само така можеме да го впериме погледот во поубавата иднина која ние, заедно со нашиот главен град, несомнено ја заслужуваме, посочи Ључи.

На програмата следеа и изложби на разни дела од разни автори, проекции на филмови поврзани со Скопје и земјотресот од 1963 година како мини концерт на познатата пеачка од македонската естрада, Тамара Тодевска. сх/нд/

Фото: МИА

Остани поврзан