• четврток, 26 декември 2024

Арсовска: Една од мерките за економски развој на Скопје е искористување на потенцијалот на ИТ секторот

Арсовска: Една од мерките за економски развој на Скопје е искористување на потенцијалот на ИТ секторот
Скопје, 12 октомври 2021 (МИА) - Македонија е држава во која што ИТ секторот и компаниите имаат голем потенцијал да обезбедат постојана работа и можности за кариера, но овој потенцијал не е доволно искористен, истакна Даниела Арсовска, кандидат за градоначалник на град Скопје на денешната прес-конференција на која ја претстави програмата за економски развој на градот и зајакнување на постоечките капацитети. Арсовска објасни дека една од мерките за економски развој на Скопје ќе биде иницирање на меѓународен проект Скопје „ИНОПАРК“. -Скопје „ИНОПАРК“ е информатичко-иновациски парк, ќе биде сместен во непосредна близина на градот со површина од повеќе од 7000 метри квадратни. Наменет за научно истражување, поврзување и напредок на технолошките компании, менторирање и поддршка на старт-ап претпријатија, но и за привлекување на ИТ гиганти од светот. Ефектот за градот ќе биде зголемена потреба од добро платена работната сила од пазарот на труд, вмреженост во заеднички систем (Co-working), додадена вредност преку истражувачки и развојни центри (R&D), позиционирање на Скопје како технолошки центар во Западен Балкан но и позитивен економски ефект врз пошироката заедница, истакна Арсовска. Со овој проект, што го предлага Арсовска ќе бидат искористени потенцијалите на ИТ индустријата во Скопје, но и ќе им се овозможат на младите луѓе услови за професионален раст и можности за економско јакнење. Мапирање на потенцијалот и капацитетите на инвестициските зони на градот Скопје, е уште еден проект од програмата на Арсовска, за економско јакнење на градот. Со овој проект ќе се зголеми ефикасноста при промоција на зоните и ќе се определат нови потенцијални подрачја за инвеститори, посебно во општините каде има деловно опкружување погодно за претприемништво и нови можности за инвестиции. -Ова ќе претставува и зголемен потенцијал за развој на помалку развиените населени места како и за креирање нови работни места. Мора да се даде поддршка на постојните економски зони во градот за подобрување на инфраструктурата (комунална, сообраќајна), услугите во градот, полесни административни процедури, пристапноста во зоните и други погодности. Во соработка со општините во Градот, ќе предвидиме и проектирање на нови економски зони, кои ќе бидат центри на висока технологија, иновации и нови информациски достигнувања, истакна Арсовска. Најави дека ќе ги мобилизира сите капацитети, домашни и меѓународни експерти, стопанските комори за економски развој на градот, со цел решенија за малите и средни претпријатија но и развој на локални политики за привлекување странски инвеститори. -Во малите и средни претпријатија во Македонија се вработени над 80% од лицата вработени во приватниот сектор. На овие претпријатија треба да им овозможиме едноставни комунални и инфраструктурни решенија, но и нови форми за поддршка за самовработување на младите претприемачи. Ќе се изработи стратегија и акционен план со кој ќе се предвидат правците за развој на нови форми на соработка во насока на привлекување странски инвеститори и обезбедување соработка со домашни компании и пласман на нивните производи на светски пазари. Со организирање годишни деловни форуми, Скопје ќе се промовира како инвестициска дестинација, рече Арсовска. Додаде дека новата градска власт, ќе даде поддршка на жените менаџери, со градење политики за родова рамноправност во администрацијата, квалитетно родово одговорно буџетирање, како и финансиска поддршка за отпочнување нови бизниси. -И кога зборуваме за економијата, на Скопје му недостига Скопскиот саем. Саемот беше препознатлив по бројни саемски манифестации, културни настани и општествени збиднувања. Ќе иницираме постапки за обезбедување нов објект за Скопски саем. Само така Скопје ќе биде модерен град. Со издржани проекти, брзи и сигурни решенија, потенцираше Арсовска.свс/са/  

Остани поврзан