• понеделник, 23 декември 2024

Арсовска: Аеродром ќе биде општина со услови за професионален раст и можности за економско јакнење

Арсовска: Аеродром ќе биде општина со услови за професионален раст и можности за економско јакнење
Скопје, 21 октомври 2021 (МИА) - Независната кандидатка за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска вечерва заедно со новоизбраниот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски ја посети општина Аеродром, каде се сретна со повеќе граѓани од општината. Арсовска им се заблагодари за несебичната поддршка која и ја даваат граѓаните во текот на кампањата и ги повика да се приклучат кон промените за подобро, модерно и европско Скопје. - Општина Аеродром го носи епитетот на урбана и модерна општина која за жал во текот на изминатите четири години беше заборавена. Заедно со новиот градоначалник на Аеродром и со заемна соработка со граѓаните ќе го вратиме сјајот на Аеродром и на нашето Скопје. Ќе работиме чесно и одговорно, во интерес на Скопје и скопјани. Со брзи, сигурни и ефикасни решенија ќе придонесеме кон креирање на квалитетни услови за живот за сите. И знам дека заедно ќе успееме во тоа. Позитивната атмосфера и секојдневната поддршка која ја добивам од вас, мои сограѓани, е доказ дека ние скопјани сме спремни за промени, а истите започнуваат по 31 октомври, истакна Арсовска во Аеродром. Во разговор со граѓаните, Арсовска покрај што ја презентираше својата програма за модерно Скопје, уште еднаш истакна дека со отпочнување на нејзиниот градоначалнички мандат ќе биде градоначалник којшто во договор и соработка со жителите ќе ги реализира решенијата за сите проекти кои се од суштинско значење за подобрување на функционирањето на главниот град, а фокусот ќе биде квалитетна инфраструктура, решавање на сообраќајот, повеќе зелени површини и брз, безбеден и квалитетен јавен превоз, како нејзини главни приоритети. - Ќе бидам градоначалник кој ќе ги мотивира и поттикнува скопјани за нивно активно вклучување во креирањето политики на ниво на Град Скопје. Градоначалник којшто ќе се бори за зелено и модерно Скопје, за сообраќаен ред, за повеќе паркинзи, бесплатен јавен превоз, за град којшто ќе биде центар на културни случувања и ќе биде опколен со паркови и зелени површини, а неконтролираната градба ќе биде минато. Ќе вложуваме и во младите, а токму овде во Аеродром, заедно со вашиот градоначалник од општината ќе го изградиме Скопје ИНОПАРК со цел искористување на потенцијалите на ИТ-индустријата и за економско јакнење на општината, но и на градот. Со овој проект, ќе бидат искористени потенцијалите на ИТ индустријата во Скопје, но и ќе им се овозможат на младите луѓе услови за професионален раст и можности за економско јакнење, додаде Арсовска.ир/вј/

Остани поврзан