• четврток, 26 декември 2024

Арсова за МИА: Обезбедивме свежина со добри наслови за „Синедејс“, гостувањето на Бела Тар е круна на нашето работење

Арсова за МИА: Обезбедивме свежина со добри наслови за „Синедејс“, гостувањето на Бела Тар е круна на нашето работење
Скопје, 15 јули 2021 (МИА) - Почнувајќи од вечерва, до 20-ти месецов љубителите на европските филмови ќе имаат можност на различни локации во Скопје под отворено небо да ги гледаат најдобрите филмски проекции, познати и признати од критиката, и тоа во рамки на Фестивалот на европски филм „Синедејс“. Фестивалот годинава одбележува 20 години постоење, и по тој повод содржи неколку новитети во однос на реализацијата на програмата. Првиот филм што ќе биде прикажан е „Анет“, кој публиката вечерва во 21 часот може да го проследи во Градскиот парк. Координаторот на фестивалот на европски филм „Синедејс“, Маргарита Арсова во интервју за МИА вели дека подготовките за одржување на фестивалот течеле „мазно“. Очекуваат гости само од регионот, но верува дека ќе постои добра фестивалска атмосфера. -Успеавме да обезбедиме свежина со добри наслови. Единствено проблем имавме во однос на планирањето на гостувањето на фестивалот, бидејќи луѓето се уште се плашат да патуваат, се уште постои тој страв, многу од нив не се вакцинирани, така што и оваа година за жал ќе имаме гости само од регионот. Но сепак, ќе се потрудиме да имаме добра фестивалска атмосфера, објаснува Арсова. Фокусот на годинешното издание на „Синедејс“ е водата. Филмовите ќе бидат проектирани на локации каде што има вода, бидејќи, како што нагласува Арсова, тоа е она што најмногу им недостига на скопјаните во летниот период. -Оваа година решивме да се фокусираме во однос на тоа што најмногу и недостига на публиката во летниот период во Скопје, тоа е море, односно вода. И така, одлучивме филмовите да ги проектираме на локации каде што има вода, каде што има ладовина, тоа е нова свежина, нов новитет во однос на реализацијата на програмата, додава координаторката на фестивалот. На годинешното издание ќе бидат прикажани Канските филмови. Филмските проекции ќе се прикажуваат на Кале, една проекција на врв на Водно, во соработка со „Прв до врв“, но и неколку проекции по кејот на Вардар. Последните две вечери ќе има платно поставено покрај езерце во Градскиот парк. Новитет за оваа година меѓудругото е и гостувањето на унгарскиот режисер Бела Тар, кој важи за еден од највлијателните и најреволуционерните европски режисери. Во рамки на „Синедејс“, в сабота во кино Фросина ќе биде прикажан неговиот филм „Werckmeister Harmonies“, од 2000-та година, а потоа режисерот ќе одржи и мастер клас. -За нас тоа е „круна“ на нашето работење, бидејќи не е лесно да се стигне до еден таков филмски маг. Бела Тар е сепак еден од највлијателните европски режисери, човек кој што буквално според нашиот критичар Влатко Галевски, има измислено свој филмски јазик, вели Арсова за МИА. Минатогодишното издание на „Синедејс“ по првпат се одржуваше на отворено, почитувајќи ги безбедносните протоколи. Маргарита Арсова објаснува дека минатата година била скептична и претставувала голем тест за да се организира фестивалот, бидејќи како што вели, тешко е да се организираат настани под отворено небо. Сепак, таа додава дека токму културата е единственото нешто што се покажало како утеха за сите луѓе кои беа затворени дома. Токму културата беше нишка која ги поврза сите. -Тогаш културата беше единственото нешто што се покажа како утеха на луѓето кои се дома, дали преку филм, дали преку музика, дали преку споделување на некакви содржини на интернет со кои што луѓето се поврзауваа. Секако тоа беше една нишка која ги поврза сите, така што поаѓајќи од тоа, мислиме дека ќе има голем интерес за филмовите, бидејќи многу настани беа откажани или одложени. Се надеваме на тоа, особено поаѓајќи и од фактот дека работиме како континуитет десет години да ја градиме таа публика и преку нашата програма, и преку фестивалот, појаснува Арсова за МИА. Од утре почнува јубилејното 20-то издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, кое ќе трае до 20-ти месецов. Г-ѓа Арсова, како изгледаше самата подготовка на фестивалот, со оглед на тоа што како лани така и годинава целиот проект ќе се одржи на отворено? Понесовме доста искуства од минатогодишното издание, со оглед на тоа дека и лани во екот на пандемијата имавме физичко издание на фестивалот, тоа искуство го пресликавме и оваа година, така што одлучивме да комплетно го изнесеме фестивалот повторно надвор со проекции под отворено небо на повеќе локации во градот. Подготовките течеа мазно, меѓутоа благодарение на тоа што имаме одлична соработка со дистрибутерите на филмовите од кај што ги добиваме од регионот, од домашните дистрибутери на филмови, од личната конекција што ја имаме со луѓето низ Европа во филмската индустрија, така што успеавме да обезбедиме свежина со добри наслови, единствено проблем имавме во однос на планирањето на гостувањето на фестивалот, бидејќи сеуште нели луѓето се плашат да патуваат, сеуште постои тој страв, многу од нив не се вакцинирани, така што и оваа година за жал ќе имаме гости само од регионот, но сепак ќе се потрудиме да имаме добра фестивалска атмосфера, одлични музички вечери и сето тоа да помине забележано. Што можат да очекуваат љубителите на европски филмови од годинешното издание на „Синедејс“, што е она што како новина ќе го понудите, а ќе го издвојува ова издание на фестивалот, од досегашните? Со оглед на тоа дека „Синедејс“ до пред две години всушност беше филмски фестивал што се одивваше во месецот ноември, овие две години, значи минатата и оваа година, го префрливме малку во летниот и есенскиот период, ете тоа е еден новитет за нас. Бидејќи се покажа како одлично искуство, можеби „Синедејс“ ќе стане и летен фестивал, засега не сме сигурни во кој правец ќе се движиме. Минатата година ги реставрираме, т.е. ги анимиравме старите кина во Скопје, целата приказна, целата кампања на минатогодишниот „Синедејс“ се движеше околу тоа, Филм за секое платно, во градот каде што порано имало кина, а оваа година решивме да се фокусираме малку на кампањата на она што е тоа што му недостига на публиката во летниот период во Скопје, тоа е море, односно вода, и така одлучивме  филмовите да ги проектираме на локации каде што има вода, каде што има ладовина, тоа е нова свежина, нов новитет во однос на реализацијата на програмата. Ќе ги имаме Канските филмови, кои голем дел од нив веќе изиграа на Кан минатата недела, од Кан доаѓаат на „Синедејс“, имаме проекции на Водно, на врвот на Водно и имаме проекции на самото езерце во паркот каде ќе поставиме платно, имаме проекции долж течението на реката Вардар, каде луѓето ќе можат на точак да следат филмови на повеќе локации. Ете, тоа е еден нов концепски програмски модел. Најавено е и гостувањето на унгарскиот режисер Бела Тар, кој ќе одржи и мастер клас на 17 јуни. Како дојдовте до оваа идеја и од колкаво значење е неговото гостување за сите љубители на „Синедејс“? Идејата дојде сосема случајно, една драга колешка со која работиме овде, нејзиниот вујко е близок соработник на Бела Тар, тој е по потекло од Унгарија, и сосема случајно во една прилика решивме дека можеби имаме шанса да го поканиме преку такви некакви конекции стигнавме до неговата мејл адреса, му напишавме многу искрено писмо, дека сакаме да биде дел од фестивалот и на наше големо изненадување, тој прифати. Единствениот услов кој што го постави беше да се игра еден негов филм, по кој ќе биде и темата на мастер класот, меѓутоа да биде филмот на 35 милиметарска копија. Триесет и пет милиметарската копија веќе како продукт, односно како метод на прикажување на филмови е одамна ставен во ќош, сега филмаџиите и филмската индустрија се фокусираат на дигитално прикажување на филмовите, така што ни беше навистина тешко да се најде таа копија. Успеавме некако да стигнеме до неа, единствена е можеби во светот, така што ќе го прикажеме филмот „Werckmeister Harmonies“, филм на Бела од 2000-та година, во сабота, а после тоа тој ќе одржи и мастер клас. За нас е тоа некако „круна“ на нашето работење, бидејќи не е лесно да се стигне до еден таков филмски маг. Бела Тар е сепак еден од највлијателните европски режисери, човек кој што буквално според нашиот критичар Влатко Галевски има измислено свој филмски јазик. За нас ова е едно големо искуство, сега за сега една голема чест да го имаме тука како гостин на фестивалот и се разбира се надевам дека ќе успее публиката целосно да го впие неговото работење. По повод 20 години од постоењето на „Синедејс“, воведена е нова програма насловена „Европско патувачко кино под отворено небо“. Од каде е идејата за програмата, и што ќе им понуди на гледачите? Најмногу бевме инспирирани од тоа што видовме дека имаме доста голем интерес од проекциите под отворено небо во рамки на Скопје и скопскиот регион, и размисливме за тоа како можеме да ја прошириме програма и во внатрешноста на државата, особено на места каде што нема кина. Знаете дека во Македонија има кина само Свети Николе во рамки на Славјанскиот Универзитет, кино во Битола и кина во Скопје, така што понесени од искуствата на други фестивали кои имаат слични вакви акции со патувачки кина, решивме дека можеби и ние можеме да се впуштиме во таква авантура. Имаме долгогодишни партнери со кои работиме, тоа е Делегацијата на ЕУ, и заедно успеавме да истуркаме еден проект, кој што вклучуваше проекции под отворено небо и Европско патувачко кино, меѓутоа не беа само проекции туку имаше и дискусии со соговорници на темите од филмот после проекциите, што се покажа исто така како еден голем успех бидејќи имаше голем интерес за проекциите, дури на една проекција почна да паѓа дожд, па публиката почека да заврши дождот за да може да го погледне филмот. Оваа нова програма Европско патувачко кино содржи 12 филмови, 6 долгометражни и 6 кратки филмови. Минатата година може да се нарече и предизвикувачка со оглед на пандемијата, но сепак „Синедејс“ успеашно се реализираше почитувајќи ги безбедносните протоколи. Како изгледаше подготовката на минатогодишното издание? За наша среќа оваа година малку се протоколите опуштени, бидејќи тече процесот на вакцинација и голем дел од луѓето веќе го прележаа вирусот. Минатата година беше многу скептична и претставуваше голем тест за нас, беше навистина тешко да се организираат настаните под отворено небо бидејќи секој човек си е индивидуа и карактер сам по себе и не можеш баш по секого да трчаш и да го потсетуваш да носи маска, меѓутоа како тим имавме подготвен протокол на програма, направивме се што е во наши рамки за тоа да биде најбезбедно и публиката да не се почуствува дека е загрозена. Следевме препораки од Министерството за здравство, следевме препораки од други фестивали и настани што се случуваа во тој период, и успеавме некако тоа да го организираме во едни протоколарни рамки, за се да биде како што треба. Може ли да ми кажете нешто повеќе околу вашите почетоци во МКЦ и Синедејс, и како е да се работи во една ваква креативна атмосфера? Ние во МКЦ сме како колеги но веќе сме и како семејство, добри пријатели сме така што после десет години работење тука можам да кажам дека постои навистина една фантастична атмосфера за работа, од каде што ја црпиме нашата енергија и нашата желба за понатаму. Моите почетоци беа навистина скромни, јас дојдов одма после факултетот, практично работев во една друга организација, друга фирма, па се префрлив во МКЦ сосема случајно, бидејќи знаев дека ова е мојот животен повик. Сакам да работам на културни настани, сакам да дадам се од себе за да направам една поубава средина и поинтересно место за живеење во градот со моите колеги, заедно на програмите кои што ги работиме. Можам нескромно да признам дека МКЦ е најдоброто место за работење во моментов во државата. Колкав е интересот кај скопјаните за добри европски филмови, и очекувате ли голема заинтересираност за годинешното издание на Синедејс? Навистина очекуваме да, затоа што голем дел од публиката наша е буквално постојана. На граѓаните им требаат културни настани, што се докажа и во време на пандемијата, т.е. во време на „локдаун“, кој што го имавме изминатата година со рестрикциите. Тогаш културата беше единственото нешто што се покажа како утеха на луѓето кои се дома, дали преку филм, дали преку музика, дали преку споделување на некакви содржини на интернет со кои што луѓето се поврзуваа. Секако тоа беше една нишка која ги поврза сите, така што поаѓајќи од тоа мислиме дека ќе има голем интерес за филмовите, бидејќи доста настани беа откажани, доста настани без преместени, се надеваме на тоа, особено поаѓајќи и од фактот дека работиме како континуитет десет години да ја градиме таа публика, и преку нашата програма и преку фестивалот. Бисера Трајковска видео: Аслан Вишко

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан