• вторник, 24 декември 2024

Арапските и исламските земји бараат од САД да извршат притисок врз Израел за прекин на огнот во Газа

Арапските и исламските земји бараат од САД да извршат притисок врз Израел за прекин на огнот во Газа

Каиро, 9 декември 2023 (МИА) - Неколку арапски и исламски земји ги повикаа САД да одиграат „поширока улога“ во притисокот врз Израел да прифати прекин на огнот во војната во Газа, соопшти денеска катарското Министерство за надворешни работи.

Повикот беше упатен на средбата во Вашингтон меѓу министрите за надворешни работи на Катар, Египет, Јордан, Саудиска Арабија, Палестина и Турција со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Тие се членови на министерскиот комитет формиран од вонредниот арапско-исламски самит, чиј домаќин беше Саудиска Арабија минатиот месец, за да се разговара за ситуацијата во Газа.

За време на нивните разговори со Блинкен, официјалните лица изразија разочарување поради неуспехот на Советот за безбедност на ОН да донесе резолуција за итен прекин на огнот во Појасот Газа од хуманитарни причини, откако САД го искористија правото на вето, се вели во соопштението на катарското Министерство за надворешни работи.

Додека 13 од 15-те членки на светската организација гласаа за во петокот, САД, клучниот сојузник на Израел, стави вето на нацртот поднесен од Обединетите Арапски Емирати. Британија се воздржа.

Членовите на арапско-исламскиот комитет, исто така, го обновија своето „обединето отфрлање“ на тековната израелска воена кампања во Газа, сиромашна енклава со околу 2,3 милиони луѓе, и повикаа на „целосен“ прекин на огнот за заштита на цивилите. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан